За неа важи дека е надобриот и најмоќен женски вокал меѓу фолк пејачките во Македонија, а можеби и во регионот. Кариерата никогаш не ја градела со секси имиџ, куси фустанчиеа и длабоки деколтеа, со разголени фотографии, скапи видеоспотови и афери, напротив. Исклучиво со сопствените вокални квалитети и моќта на својата совршена изведба.
Родена во далечната 1983 година, почнува да пее уште од малечка, а еснафот ја поткрива на детските фестивалчиња како што е „Си – До“ во нејзината родна Битола, штипскиот „Катапулт“, „Профест“ во Пробиштип… а подоцна ги покорува сцените на сите сериозни фестивали во земјава.

Животот многу подоцна знае да ги открие сите парадокси, па така од денешен агол изгледа навистина смешно и поазително кога ваков маестрален вокал своевремено, на нејзина 13-14 годишна возраст колку што има на црно-белата фотографија не била примена во редното музичко училиште, па морала да се запише во Електро-машинскиот училишен центар „Ѓорѓи Наумов“ во Битола!? Колку само изгледа невозможно да си ја замислите како денес чепка по разводна табла или трафостаница со осигурувачи?!

Но затоа на повеќето од конкуренцијата веднаш „им горат“ или „исфрлаат бушоните“ штом таа запее, зашто нејзиниот вокал е далеку над пеењето на речиси сите останати колешки.
Деновиве пејачката е постојана тема во медиумите откако обелодени дека по турболентниот период и разидувањето од долгогодишниот сопруг и шеф на познатата фолк група која ја напушти по разводот, повторно е среќно вљубена. И тоа во колега токму од бившата група во која беа заедно таа, тој и бившиот и сопруг.

„Ме освои со тоа што е совршенство од маж. Од кога го запознав мојот партнер, буквално прогледав и го видов светот околу себе“- изјави неодамна пејачката.

Ако на почеток не можевте да ја препознаете и не ви беше јасно која е малечката на фотографијата, сега повеќе ви е од јасно дека се работи за екс вокалот на групата Молика, сега фолк пејачката со соло кариера Анета Љумакоска.

Фото: Екран-архива/Инстаграм/anetaljumakovska2701




