Мегафон на 10 ноември

Изложба со личните работи на Тоше Проески во КИЦ во Загреб

Изложба со личните работи на Тоше Проески во КИЦ во Загреб

На 10 ноември, во Културно информативниот центар во Загреб од 10 до 18 часот ќе се одржи изложба на личните работи на Тоше Проески.

Ќе биде изложен дел од музејскиот материјал од Спомен куќата „Тодор Проески“ во Крушево, облека која Тоше ја носеше на снимањето на спотот „Ја сакам твојата насмевка“ (Волим осмихеј твој), облеката од концертите во Риека и Задар, како и негови лични награди и признанија кои ги доби од хрватската публика.

„Со тоа на достоен начин сакаме да се оддолжиме и да го одбележиме ова пријателство со хрватските фанови кое сѐ уште трае. Настанот ќе го збогатиме со мини концерт со хитовите на Тоше. Ќе настапат младите и надежни македонски солисти и инструменталисти од Националната опера и балет: Билјана Јосифов, Влатко Груески и Андреј Наунов“, велат од Спомен куќата од Крушево. Додаваат дека им е драго што најверните фанови на Тоше веќе 17 години, барем еднаш годишно го посетуваат Крушево.

„Сите овие години, неговото отсуство, нѐ поврзуваше на начин кој само неговите фанови го препознаваат. Километрите, временските услови, економските и други пречки, не можеа да ги спречат овие луѓе, да дојдат во Крушево да ја посетат Спомен куќата. Затоа сметаме дека сега е вистинско време, и ние да ги почестиме со наше и негово присуство во Загреб, во Културно информативниот центар“, велат од Спомен куќата во Крушево.

Тоше беше многу популарен во Хрватска. Сними дуети со поп-пејачите Антониа Шола и Тони Цетински, издаде два албуми во Хрватска во соработка со продуцентите Никша Братош и Миро Буљан, а во 2007 победи на Радискиот фестивал во Водице на Јадранското приморје. Популарна беше и неговата преработка на хитот на Мишо Ковач, „Остана засекогаш иста“ (Остала си увијек иста), а одржуваше и концерти во повеќе градови.

To top