Barcelona Gipsy Balkan Orchestra повторно доаѓа во Скопје! Солистичкиот концерт на еден од најиновативните бендови од поновата генерација, оркестарот чија музика допира директно до срцата е закажан на 28 февруари во Филхармонија. БГКО во годината пред нас полни 13 години музицирање на сцената, творештво и интерпретација на уникатен звук кој ги заробува срцата и умовите на публиката ширум светот. За нив не постојат граници, апсолутно никакви, а нивната музика инспирирана од различни музички традиции од Балканот, но и светот е емотивно патување кое ветува уникатно и автентично искуство, какво што нѐ очекува уште еднаш (по она во 2022 година) – на 28 февруари 2025 година.
Сицилијанската пејачка Маргерита Абита, која на членовите на Barcelona Gipsy BalKan Orchestra (БГКО) им се придружи во ноември 2019 година и донесе нови вкусови, свежа енергија и нова суштина во оркестарот, што зад себе има 7 студиски албуми, настапи во повеќе од 40 земји и лојална база на фанови на BGKO Јутјуб-каналот, во Скопје доаѓа придружувана од Иван Ковачевиќ (контрабас, Србија), Алберт Енкаминанко (перкусии, Шпанија), Жулиен Шанал (гитара, Франција), Чави Пендон (кларинет, Шпанија), Олександр Сора (виолина, Украина) и Фернандо Салинас (хармоника, Шпанија). БГКО е меѓународна формација од која произлегуваат најдобрите аранжмани, каде што секој инструмент има свое место и простор. Текстурите и тембрите се фино измешани во служба на секоја песна, од евоцирање емоции до френетичен транс ритам, а интересно е дека на нивниот репертоар свое место имаат и неповторливите „Море сокол пие“, „Македонско девојче“, „Kaleja Jaca“, ведрата и танцувачка румба на Есма Реџепова-Теодосиевска… Приказната не завршува тука, ниту нивната музичка и творечка ниту делот кој допрва треба да го испишат заедно со македонската публика. Затоа на 28 февруари – денот резервиран за уникатно музичко патување со неверојатната музичка формација која освојува на прва – бидете во Филхармонија, бидете дел од незаборавната вечер која ќе ги освои и наполни срцата и на најпребирливите музички сладокусци. Влезниците за овој концерт веќе се пуштени во продажба по цена од 1000, 1200 и 1500 денари, и тоа прекупродажната мрежа на mktickets.mk (Barcelona Gipsy Balkan Orchestra – MKTickets).