По бројните настапи и досегашното музичко патување, Идеал Бенд направи голем чекор напред и ја отвори вратата кон сопственото авторско творештво! Бендот го промовираше своето прво оригинално музичко издание, песната „Светот да не запомни“, зад која стои музичарот и продуцент Темелко Андреев.

Ова не е само нова песна во нивната музичка приказна, туку и посебен емотивен момент за шестемина музичари, кои со многу искреност, емоции и заедничка енергија за првпат застануваат зад сопствена авторска композиција.

Комплетниот авторски потпис го носи Темелко Андреев, кој ги создаде музиката и текстот, а се погрижи и за снимањето, миксот и мастерингот. Негова е и целокупната креативна реализација на видеоспотот – од режијата и сценариото до видеомонтажата. Зад камерите работеа Иво Иванов и Андреев, додека на гитарите гостува Оливер Тевчев.

Идеал Бенд го сочинуваат: Виктор Китановски, Давор Ќимовски, Дамјан Димевски, Ангела Влинтовска, Кико Милошевски и Илија Смилевски, кои со ова издание јасно покажуваат дека имаат амбиција да не бидат само интерпретатори, туку и да ја градат сопствената музичка приказна преку оригинални песни.

Посебна боја на визуелната приказна ѝ дадоа и учесниците во видеоспотот: Ансамблот „Керамичар“ од Велес, Сашко Трајковски и Наталија Трајковска, како и велешките „Гемиџии“. На сите нив бендот им упати посебна благодарност за поддршката и придонесот во реализацијата на ова прво издание.

„Светот да не запомни“ е нивната прва авторска музичка визиткарта, преточена во новосоздадена песна со патриотска и родољубива содржина. Песна во која Идеал Бенд ги споија националното чувство и патриотската емоција кон Македонија.

Дали токму оваа нивно прво авторско чедо ќе биде почеток на една поголема музичка приказна, останува да покаже времето.

Во продолжение проследете ја „Светот да не запомни“ – првата авторска песна на Идеал Бенд!






