Нова песна, нова визуелна приказна и уште едно изненадување за обожавателите! Емилија Алексовска повторно ја разбранува музичката сцена, овојпат со „Индиго“ – песна која пристигнува заедно со официјален видеоспот и открива уште едно поинакво, емотивно лице на младата пејачка.

Но, „Индиго“ не е само уште една нова песна во нејзината дискографија. Таа е четвртото музичко парче од долгонајавуваниот деби-албум „25“, кој Емилија полека, но сигурно го составува пред очите на својата публика. А судејќи според досега објавеното, нејзиниот музички свет има уште многу што да открие!
Пејачката особено емотивно ја најави новината, откривајќи дека досега „Индиго“ била нешто како нејзина мала лична тајна, која сега конечно ја споделува со сите.
„Некои песни се многу повеќе од музика. Чувства, емоции… малку чудни, малку магични, а толку многу познати. До денес, Индиго беше дел само од мојот свет. Денес, за првпат, ја пуштам да живее и надвор од него“, порача Емилија.

Зад музичката приказна стои Темелко Андреев, кој ги потпишува музиката, текстот и аранжманот, но и миксот и мастерингот. Придружните вокали ги отпеаја Ангела Влинтовска и Мартина Елиора, додека гитарските и бас-делниците се дело на Оливер Тевчев.
И видеото има сериозна продукциска екипа. Темелко Андреев ги презеде сценариото, режијата, монтажата, визуелните и звучните ефекти и постпродукцијата, а зад камерата му се придружи Иво Иванов. Логистичката поддршка ја обезбеди „Студио Пента“.

Во музичката реализација учествува и цела плејада музичари: Игор Илковски, Оливер Тевчев, Јована Богданоска, Ивона Јо, Стојанче Наумовски, Александар Пановски, Елена Ефремова, Виктор Китановски, Стојан Стојанов, Сандра Дејановиќ, Марија Илиева, Ангелина Павлова и Златко Пановски. Посебна благодарност е упатена и до Театарот „ЈХК – Џинот“.

Со „Индиго“, Емилија продолжува да ги открива картите од албумот „25“, а публиката добива уште една причина со нетрпение да го очекува целосниот проект.
Дали токму „Индиго“ ќе стане една од омилените песни на нејзините слушатели, останува да покаже времето. Дотогаш, песната е веќе достапна на сите стриминг-платформи, а видеоспотот може да се погледне на нејзиниот YouTube-канал.

Погледнете што крие „Индиго“ – видеото е во продолжение…






