Со силна порака за женската сила, хуманоста и заедништвото, викендов, поточно во саботата, на 31 октомври, во ресторанот „Грандис“ во Струмица се одржа хуманитарната модна ревија насловена „Биди своја“. Вечерта посветена на поддршката на жените кои се соочуваат со рак на дојка ги обедини модата и хуманоста, испраќајќи порака дека солидарноста и грижата можат да направат вистинска разлика.

Организатор на настанот беше Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ – ОК Струмица, предводена од претседателката Пале Галева, која со оваа иницијатива уште еднаш ја истакна важноста на женската солидарност и поддршката во борбата со оваа тешка болест.

На хуманитарната вечер присуствуваа бројни гости, а свое обраќање имаа организаторката Пале Галева, претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, како и Рози Мицкоска, сопругата на претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски.

Нивните пораки ја потенцираа важноста на поддршката, заедништвото и потребата никоја жена да не се чувствува сама во битката со болеста.

Хуманитарниот концепт на „Биди своја“ имаше двојна цел. Средствата собрани од откупот на донираните фустани ќе бидат наменети за поддршка на жените кои се соочуваат со рак на дојка, додека фустаните ќе им бидат подарени на матурантки од семејства во социјален ризик. Така, оваа иницијатива испрати порака за добрина и внимание кон жените од различни генерации, овозможувајќи им на едни поддршка во тешките моменти, а на други радост за еден од најубавите денови во животот.

Централниот дел од вечерта беше модната ревија, во која беа претставени креации од креаторките Љупка Митрова, Елена Лука и EMILI Exclusive Design. Модата овојпат не беше само прашање на стил и убавина, туку и начин да се испрати силна хуманитарна порака.







„Заедно за жената. Заедно за животот. Заедно за една повеќе“ – беше пораката што ја одбележа хуманитарната модна ревија „Биди своја“, вечер во која убавината доби многу повисока смисла – онаа на хуманоста, поддршката и надежта.
Галерија со избор фотографии од модната ревија:









Фото: Фејсбук/Pale Galeva





