Холивудскиот режисер и продуцент Мајкл Мен (83) итно е пренесен во болница откако случајно се застрелал самиот себеси на стрелиште во Лос Анџелес.
Инцидентот се случил во саботата попладне, кога филмскиот творец, најпознат по остварувањето „Жештина“ (Heat) од 1995 година, вежбал гаѓање.
Според информациите кои извор ги открил за порталот ТМЗ (TMZ), Мен се обидувал да го врати пиштолот во футролата кога оружјето ненадејно опалило и го погодило во ногата.
Режисерот веднаш бил пренесен во болница со амбулантно возило, додека на местото на настанот излегле припадници на полицијата во Лос Анџелес (LAPD) и на противпожарната спасувачка служба (LAFD).
Полициската управа потврдила за ТМЗ дека инцидентот се случил на стрелиштето „The Range LA“.
Како што се наведува во извештајот, не станува збор за намерно пукање, туку за несреќен случај за време на тренинг. До повредата дошло кога Мен се обидел да го врати пиштолот во футролата, при што оружјето тогаш случајно опалило.
Мајкл Мен зад себе има повеќедецениска кариера и низа забележителни филмски остварувања. Меѓу филмовите што ги режирал се наоѓаат „Ловец на луѓе“ (Manhunter) од 1986 година, „Последниот Мохиканец“ (The Last of the Mohicans) од 1992, „Али“ (Ali) од 2001 и „Колатерал“ (Collateral) од 2004 година.
Сепак, едно од неговите најпознати остварувања останува криминалистичкиот филм „Жештина“ (Heat) од 1995 година.
фото:Instagram printscreen/universalcinema_magazine





