Мегафон тажна вест

Почина Мишо Хрњак – басистот на култната „Азра“

Почина Мишо Хрњак – басистот на култната „Азра“

Хрватскиот музичар Мишо Хрњак, басист на најпознатата и најуспешна постава на култната рок група Азра, почина на 67-годишна возраст.

Веста за неговата смрт ја објавија регионалните музички медиуми, потврдувајќи дека сцената изгуби уште еден великан кој го дефинираше звукот на југословенскиот нов бран.

Хрњак и се приклучи на Азра во втората половина на 1979 година, за време на формирањето на нејзината класична постава. Заедно со фронтменот Бранимир Џони Штулиќ и тапанарот Борис Лајнер, тој учествуваше во создавањето на најзначајните рани албуми на групата кои оставија неизбришлив белег во историјата на рок музиката. Неговата бас-гитара ги обележа дебитантскиот албум Азра од 1980 година, легендарниот Сунчана страна улице од 1981 година и ремек-делото Филигрански плочници од 1982 година, како и неповторливиот троен концертен албум Равно до дна.

Групата ја напушти во 1982 година поради заминување на отслужување на задолжителниот воен рок, што воедно го означи и крајот на оригиналната, култна постава на бендот. По напуштањето на Азра, Хрњак целосно се повлече од професионалната музичка сцена. Помина долг период живеејќи во Унгарија, каде се посвети на семејниот живот и на изработката на мебел по нарачка.

На сцената делумно се врати по повеќе од дваесет години, кога заедно со Лајнер го покренаа составот Лајнер и Хрњак. Во 2015 година ја објави и својата автобиографија Срце од злато – приказни, ама не баш за деца, во која пишуваше за своето одраснување, култните денови во Азра, комплицираниот однос со Штулиќ и животот по музиката.

Со заминувањето на Мишо Хрњак, регионот изгуби музичар чие творештво останува нераскинлив дел од културната генеза на овие простори и инспирација за многу идни генерации.

фото:Facebook/Miso Hrnjak

To top