Амбасадата на Шведска заедно со своите нордиски и балтички партнери денеска во Музејот на современа уметност во Скопје ќе го заокружи проектот „Зелена и одржлива мода – Нордиско-балтичка приказна“ со програма што ќе се реализира во рамки на 33. издание на Модниот Викенд Скопје.
Во Музејот на современа уметност во Скопје, на настанот од 14:00 до 15:30 часот ќе се обединат дизајнерите, уметниците, студентите, модните професионалци и пошироката јавност на попладне посветено на креативноста, одржливоста и дијалогот.
Програмата вклучува модна ревија на данската дизајнерка Силе Дамгард, уметнички перформанси и изложби на Ана Рингстад (Норвешка) и Тува Самуелсон (Шведска), како и видео-инсталација на Јустина Семченкаите (Литванија). Настанот ќе заврши со јавна дискусија на тема „Мода, современа уметност и одржливост“, која ќе ја истражува врската меѓу модата и современата уметност, улогата на одржливоста во креативните практики, како и пошироките општествени и индустриски импликации од овие развојни трендови.
Настанот ги претставува завршните активности на проектот „Зелена и одржлива мода – Нордиско-балтичка приказна“, којшто преку програма за дизајнерска резиденција одржана во март 2026 година обедини единаесет дизајнери од нордиско-балтичкиот регион и Македонија. Иницијативата ги истражуваше пресечните точки помеѓу модата, одржливоста и културното наследство, поттикнувајќи професионална размена и соработка меѓу дизајнери од различни земји.
Во рамките на проектот се организираа изложби, јавни дискусии и разговори со претставници од индустријата, а истовремено ги вклучи и младите преку работилници за одржлива мода, иновативни материјали, современи дизајнерски техники и 3Д моден дизајн за ученици од текстилните средни училишта.
Поврзувајќи дизајнери, едукатори и млади креативци, проектот придонесе за споделување знаења, поттикнување иновации и зајакнување на регионалната соработка во областа на одржливата мода. Неговите завршни активности се надоврзуваат на инспирацијата, партнерствата и креативните размени воспоставени во текот на програмата и ја истакнуваат сè поголемата улога на модата како платформа за уметничко изразување, одржливост и општествени промени.
Проектот е финансиран од Нордискиот совет на министри, а го спроведува Амбасадата на Шведска во Северна Македонија, во соработка со Амбасадите на Данска, Норвешка, Финска и Литванија, како и во партнерство со Македонската модна асоцијација. ев/нд/
ФОТО: Амбасадата на Шведска





