Колумбиската пејачка Шакира гостуваше во шпанската телевизиска емисија „La Revuelta“, чиј водител е Давид Бронкано. За време на разговорот се споменуваше и нејзиниот поранешен партнер, фудбалерот Жерар Пике. Водителот се пошегува на сметка на нивната завршена врска, но Шакира не му остана должна.
До интересната размена дојде кога пејачката откри дека со синовите Милан и Саша во Мајами понекогаш зборува на каталонски за луѓето околу нив да не ги разбираат.
„Зборувам каталонски бидејќи моите синови се Каталонци. Во Мајами со нив зборувам на каталонски кога не сакаме другите да нè разбираат“, објасни Шакира, додавајќи дека нејзините синови меѓусебно често зборуваат на англиски.
Бронкано потоа покажа дека и самиот зборува каталонски, што ја изненади пејачката. Таа го праша дали го научил јазикот поради девојка од Каталонија, а водителот потврди дека бил во врска со Каталонка.
„И двајцата поминавме низ истото“, се пошегува Бронкано, алудирајќи на нејзината врска со Пике.
„Па, не знам баш дали е исто“, му возврати Шакира низ смеа, без дополнително да ја отвора темата за поранешниот партнер.
Гостувањето беше необично и поради местото на снимањето. Наместо во телевизиско студио, Бронкано ја интервјуираше Шакира во „Macondo Park“ во Мадрид, просторот во кој пејачката одржува концерти.
Средбата била договорена во последен момент, а Шакира доцнела, поради што водителот и неговата екипа чекале речиси еден час. Бидејќи Бронкано морал да стигне на лет поради приватни обврски, за разговорот на крајот им останале помалку од 20 минути.
И покрај брзањето, успеале да разговараат за нејзините деца, љубовниот живот и концертната турнеја. Шакира се пошегува и на сметка на заработката, објаснувајќи дека големите приходи од турнејата се придружени и со огромни трошоци.
„Жените заработуваат, но и трошат. На оваа турнеја работат 150 луѓе. Кога ќе соберам колку заработувам и колку трошам, на крајот сум на исто“, рече пејачката, на што Бронкано реагираше со неверување.
Шакира и Жерар Пике ја прекинаа врската во јуни 2022 година, по 11 години заедно. Имаат два сина, Милан и Саша, а нивната разделба со месеци беше една од главните теми во светските медиуми.
По раскинувањето, пејачката објави неколку песни во кои се осврна на поранешната врска, меѓу кои особено се истакна соработката со аргентинскиот продуцент Бизарап.
Иако Пике не беше главната тема на интервјуто, Бронкано успеа да вметне шега на негова сметка, а Шакира подготвено му одговори.







