Промотер

Две нови песни во една вечер посветена на македонската музика: Марија и Jayla ги промовираа „Во чуда верувам“ и „Само ти“ (ВИДЕО)

Две нови песни во една вечер посветена на македонската музика: Марија и Jayla ги промовираа „Во чуда верувам“ и „Само ти“ (ВИДЕО)
Македонската музичка сцена доби две нови музички приказни. Во одлична атмосфера, исполнета со музика, позитивна енергија и бројни гости од естрадата, медиумите и јавниот живот, вчеравечер во скопскиот „Cuban Cocktail Bar“ се одржа двојна промоција на која своите најнови музички изданија ги претставија младите пејачки MARIJA и Jayla.
Вечерта беше можност публиката одблиску да ги слушне двете нови песни, но и да се запознае со уметничките визии на две млади девојки кои чекор по чекор го градат своето место на домашната музичка сцена.

Под уметничкото име MARIJA, 23-годишната Марија Димовска официјално дебитираше со песната „Во чуда верувам“. Станува збор за модерен музички проект кој носи свеж афробит звук, дополнет со впечатлива саксофонска линија што на композицијата ѝ дава препознатлив печат. Автор на песната е композиторот Драган Илиев, кој ги потпишува музиката и аранжманот, а текстот е на Слободанка Илиева. Иако ова е нејзин прв официјален сингл, MARIJA зад себе има сериозно музичко искуство. Основното и средното музичко образование ги завршила во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ на насоката музичар-теоретичар, настапувала како дел од хорот „Мирче Ацев“ и студентскиот бенд на УКИМ, а паралелно дипломирала на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Денес е на магистерски студии по Менаџмент на човечки ресурси, продолжувајќи успешно да ги спојува образованието и љубовта кон музиката.

Покрај неа, својата најнова песна „Само ти“ ја претстави и Jayla, за која ова е веќе осми официјален сингл. Музичката продукција ја реализираше Михаил Дамчевски, кој заедно со пејачката е и коавтор на текстот. Jayla веќе извесно време е активно присутна на домашната музичка сцена, а својата музичка надградба ја продолжува и академски, студирајќи џез и популарни жанрови, насока соло пеење. Покрај интерпретацијата, активно пишува текстови и создава авторска музика, градејќи препознатлив музички идентитет.

Двојната промоција покажа дека на македонската музичка сцена доаѓа генерација млади артисти кои размислуваат современо, вложуваат во квалитетна продукција и не се плашат да експериментираат со нови музички правци. Со „Во чуда верувам“ и „Само ти“, MARIJA и Jayla испраќаат јасна порака дека нивните музички приказни допрва почнуваат.

To top