Престрелката што се случи во неделата навечер (26 мај 2024) на „Пластичарска“ улица, во која за жал еден млад живот згасна, а уште неколку лица се потешко ранети, е класичен пример за тоа колку неписменоста на т.н. новинари од онлајн(о*) медимите може да направи дополнителна штета со далекусежни последици.
Во трката по кликови и лајкови, кои секако не носат пари, мноштво портали објавија дека во прстрелкта е убиен познат македонски пејач со иницијали А. И. Вест која иако е точна, онака како што е срочена, самата по себе е „фејк“! Зашто сега веќе покојниот млад пејач со споменатите иницијали не е македонски, туку е само македонски државјанин, односно македонски граѓанин од албанска етничка припадност. Факт, кој во првичните вести, па и многу подоцна никој од „великите новинари“ не го предочи.
И додека јавноста се’ уште се прашуваше и нагаѓаше за кого се работи, насловите дека е убиен познат македонски пејач А.И. во прв момент ги распаметија членовите на легендарната македонска поп-рок група „Меморија“, а уште повеќе роднините, другарите и блиските пријатели на нивниот вокал, Апостол Икономов – Поце. Зашто единствениот познат македонски пејач чии иницијали во името и презимето се токму посочените А. И. е токму Поце!
И сето ова да биде уште пострашно, ако се знае дека токму пејачот на „Меморија“ само пред десеттина дена ја загуби својата сопруга, која почина по долго и тешко боледување, па „раните на душата“ се’ уште се повеќе од свежи. Особено што Поце оваа загуба многу тешко ја поднесе. И сега по тој шок – нов! За среќа во целата несреќа – „лажен“!
Мобилните кај него и неговите деца веднаш почнале да ѕвонат, загрижените блиски избезумени од страв дали ќе му го слушнат гласот, раскажа Поце вчеравечер, понеделник 28. мај 2024, на една од последните проби на „Меморија“ пред нивниот голем концерт во „Дом на млади“ во Штип, оваа сабота на 01. јуни 2024 година!
И сето тоа од една обична непромислена или поточно неписмена објава, што потоа по принципот „копи – пејст“ како вирус се шири во онлајн просторот. Да објавеше некој убиство со исти иницијали на некој од нивните „омилени политичари“ уште другото утро ќе се кренеше џева дури до Брисел. Вака… Што има врска. За еден пејач…!
По овој повод на својот Фејсбук профил се огласи и лидерот на „Меморија“, Петар Георгиевски – Камиказа, кој во својот објавен статус напиша:
„Починатиот пеач со иницијали А.И. не е Апостол Икономов -Поце! По сите траорни моменти (губитокот на сопругата) уште ова фалеше, па многумина вчера прашуваа да не се работи за него! Поце собра сили и со полна пареа ги одработи последните проби овие денови за престојниот концерт на 1-ви јуни во Штип! На колегат Амар Исмани кој вчера го загуби животот во престрелка на ‘Пластичарска улица’ нека му е светол патот до вечноста“ – обзанани Перо – Камиказа во својата објава.
Фото: Приватна архива/Фејсбук/Apostol Ikonomov/Petar Georgievski – Kamikaza