Кога се зборува за македонската фолк песна и за традицијата што успешно чекори во чекор со новото време, неизбежно е името на Љупчо Соколовски. Со децении е еден од најзаслужните чувари на македонската фолк музика и човекот кој внимателно го создава концептот на Фолк вечерта на „Охрид фест – Охридски трубадури“. И годинава, на 26 август, на сцената на „Долни Сарај“, фестивалот ќе биде отворен со нови песни, докажани имиња и многу музички изненадувања. Што подготвува 33. издание, кои се адутите на годинашната програма и што може да очекува публиката? За сето тоа разговараме со уметничкиот директор на Фолк вечерта, Љупчо Соколовски.
Повторно сте на позицијата уметнички директор на Фолк вечерта. Со оглед на тридеценискиот континуитет на „Охрид Фест“, колкав е предизвикот да се одржи реномето на фестивалот како еден од клучните столбови на македонската фолк сцена?
– И оваа година како уметнички директор на Фолк вечерта одговорноста е многу голема , но воедно и чест . „Охрид Фест“ повеќе од три децении е препознатлив по тоа што создава нови песни кои остануваат да живеат и по завршувањето на фестивалот. Нашата обврска е да го зачуваме тој квалитет, но истовремено да го следиме развојот на музиката и вкусовите на публиката. Верувам дека и годинава ќе се потрудам да направам програма која го почитува македонскиот фолк, а истовремено носи свежина и современ музички пристап.

Кои беа главните филтри и музички критериуми при селекцијата на овогодинешните композиции, што беше пресудно за една песна да добие простор на фестивалската сцена?
– При изборот пред сè се водевме од квалитетот на композицијата. Добрата мелодија, квалитетниот текст, аранжманот и целокупната музичка идеја беа најважните критериуми. Исто така, водевме сметка програмата да биде разновидна, со различни авторски пристапи и интерпретации, за секој љубител на македонската фолк музика да пронајде песна што ќе му остане во сеќавање.
Фестивалите се природни инкубатори за нови таленти. Дали годинава им давате простор на нови изведувачи кои имаат капацитет да се етаблираат токму преку „Охрид Фест“?
– Апсолутно. „Охрид Фест“ отсекогаш бил место каде што новите имиња добиваат можност да се претстават пред широката публика. И годинава имаме неколку млади и перспективни изведувачи кои настапуваат рамо до рамо со веќе докажани музички имиња. Верувам дека токму ваквата комбинација е најдобар начин да се создаде нова генерација на квалитетни фолк пејачи.

Концептуално и музички, по што ќе се издвојува оваа Фолк вечер во споредба со изминатите изданија, има ли некакво освежување во самиот формат?
– Секоја година се стремиме да внесеме нешто ново, без да го нарушиме препознатливиот фестивалски дух. И оваа година публиката ќе слушне разновидни композиции, современи аранжмани и квалитетни интерпретации. Верувам дека програмата е внимателно избалансирана и ќе понуди вистинско музичко доживување.
Во ера на хиперпродукција и брзо консумирање на музиката, колку е тешко да се создаде композиција што ќе остане да живее. Препознавате ли меѓу овогодинешните песни такви што претендираат да станат траен дел од фолк антологијата?
– Денес е многу потешко една песна да трае со години, бидејќи музиката се пласира и се консумира многу брзо. Но, добрата мелодија, искрениот текст и квалитетната интерпретација секогаш наоѓаат пат до публиката. Верувам дека меѓу овогодинешните композиции има неколку песни кои имаат потенцијал да го издржат тестот на времето. Сепак, последниот збор секогаш го има публиката – таа одлучува кои песни ќе останат да живеат.






