Познатиот моден бренд „Келвин Клајн“ уште еднаш докажа дека точно знае како да создаде маркетинг кампања која експресно ќе стане вирална тема на планетата. Нивните провокативни фотосесии со децении будат огромно внимание кај јавноста, а најновото заштитно лице кое ја продолжува оваа препознатлива традиција е младата фудбалска ѕвезда Џуд Белингам.
Дваесет и тригодишниот англиски репрезентативец и првотимец на Реал Мадрид се појавува како главен модел во најновата линија за машка долна облека „Icon Cotton Stretch“. Најавата за оваа соработка беше направена стратешки и мистериозно, со огромни билборди поставени низ Њујорк и кратко видео на социјалните мрежи каде во прв план беше атлетската градба на моделот. Иако на почетокот лицето на фудбалерот беше скриено, на неговите верни обожаватели не им требаше многу време за веднаш да препознаат дека станува збор токму за Белингам.
View this post on Instagram
Откако серијата фотографии и официјалното видео беа лансирани во јавноста, на социјалните мрежи настана вистинска еуфорија, при што обожавателите не го кријат своето воодушевување од изгледот на фудбалерот и неговите беспрекорно обликувани стомачни мускули. Со овој моден ангажман, Белингам се приклучи на елитната и долга листа на планетарно популарни мажи кои претходно соработуваа со брендот, меѓу кои се актерот Мајкл Б. Џордан, музичките ѕвезди Џастин Бибер и Бед Бани, како и актуелниот холивудски заводник Џереми Ален Вајт.
Од менаџментот на модниот гигант со гордост ја претставија својата нова култна фигура, порачувајќи преку Инстаграм дека Џуд Белингам е вистинска икона меѓу нивните икони, која носи безвременски стил, чиста удобност и постојана поддршка. Во изјава за престижниот магазин „Космополитен“, британскиот фудбалер откри дека максимално уживал во текот на снимањето и дека веднаш му се допаднала филозофијата која стои зад целиот концепт – идејата дека вистинската самодоверба на секој човек произлегува првенствено од чувството на удобност во сопствената кожа.
фото:Instagram printscreen/judebellingham/calvinklein






