Живот и стил

Трикот со цените што нè мами со години: Зошто 599 денари ни изгледаат поевтино од 600 денари?

Трикот со цените што нè мами со години: Зошто 599 денари ни изгледаат поевтино од 600 денари?

Цените што завршуваат на 9, како 99, 599 или 999 денари, со години се користат како трговска стратегија за привлекување купувачи. Иако разликата меѓу 599 и 600 денари е само еден денар, многумина овие две цени не ги доживуваат на ист начин.

Причината е таканаречениот ефект на првата цифра одлево. Цената од 599 денари на прв поглед ја доживуваме како „петстотини и нешто“, додека 600 денари веќе ја сместуваме во повисока ценовна категорија.

Сепак, цената што завршува на 9 не значи автоматски дека производот е поевтин.

Истражување на економистите Авихаи Снир и Даниел Леви, објавено во 2021 година, анализирало повеќе од 98 милиони ценовни записи од американски малопродажен синџир. Резултатите покажале дека цените што завршувале на 9, во просек, биле повисоки од цените на споредливи производи што завршувале на друга цифра.

Кај производите на распродажба, пак, намалените цени што завршувале на 9 во просек биле пониски од другите намалени цени, што може да придонесе купувачите да ја поврзуваат деветката со поволна понуда.

Затоа, пред да купиме производ по цена од 599 наместо 600 денари, вреди да провериме колкава е неговата количина, квалитет и цена во споредба со сличните производи.

Понекогаш разликата е само еден денар, но впечатокот за поволна зделка може да биде многу поголем.

фото:Magnific

To top