Радио Милева здравици без крај...

Три свечености во иста недела кај браќата од „Некст тајм“: Крштевка, венчавка и свадба – едното бидна, а возбудата допрва следи

Три свечености во иста недела кај браќата од „Некст тајм“: Крштевка, венчавка и свадба – едното бидна, а возбудата допрва следи

Браќата од „Некст тајм“ квалитетно ќе го одврзат ќесето – двајцата имаат свечености и тоа три во една недела.

Стартот од почетокот неделава беше резервиран за најмалата, најубавата, наследничката на Мартин и Андреа, осуммесечната Лиана.

Гордите родители го собраа семејството, најблиските и секако кумот за крштевка на малата принцеза која ја прими христијанската вера во црквата Св.Јован Крстител во Капиштец.

Убавото не застанува тука, па така загреани од здравици и песна, Филиповски се подготвуваат уште за две големи свечености кои претстојат, едната за петок, другата за сабота.

Младоженецот Стефан Филиповски и невестата Тинеа ќе си ветат љубов пред Бога во соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје, а веќе следниот ден следи и големата свадба која Стефан неодамна ја најави, а сега во поткастот кај Боки 13 ги откри деталите.

Откако Мартин се ожени со ракометарката Андреа и стана татко, сега ќе се скраси и другиот, ќе се пее, пие и оро ќе се вие за Стефан и неговата сакана Тинеа кои откако пред една година се свршија, сега се решени статусот свршеници да го заменат со сопружници.

За потсетување, Стефан и Тинеа беа три години во врска на далечина зашто таа живее во Виена.

Невестата има српско-хрватско потекло, а љубовта на далечина за нив очигледно не претставуваше никаква пречка, бидејќи ако ја има во срцето, тогаш таа е многу блиску без оглед на километрите.

Е сега која адреса ќе ја изберат за заеднички живот, односно кој на чија територија ќе замине, останува да видиме, но затоа потоа, сега на ред е венчавка, па свадба!

А за крштевката… нека е на здравје, да е здрава и жива Лиана!

фото:фото: Instagram printscreen/ stefan_filipovski/martin_filipovski/nexttimeband

To top