Секој од нас бил дете. Сите ние сме имале овакво или онакво детство, полно со предизвици, игри, мноштво непознаници, вакви и онакви моменти… Секој различно, но едно е сигурно: Секое детство е исполнето со спомени, кои во подоцнежната возраст одвреме – навреме ни навираат, за да не навратат и потсетат најчесто на убавите и среќните мигови на нашето растење и созревање.

Многумина растеле со баба и дедо или барем викендите, празниците или пак зимскиот и летниот распуст го минувале кај нив. Во истата или друга држава, истиот или друг град, некои на село… Каде и да било, детството секогаш е она најбезгрижното, најубавото, најразиграното животно доба на кое потоа цел живот ќе се сеќаваме. Тогаш се стекнуваат прите другари, се раѓаат првите љубови, се прават првите белји… Го осознаваш светот околу себе, акумулирајќи ги првите искуства.

На детството сите се навраќаме во одредени мигови, на сите ни навираат спомени, па и на познатите. Доволно е едно нешто, една мала ситница, фотографија, случка, случајна средба или патување… да не врати назад во времето, во годините на кои подоцна сите со радост се сеќаваме.


Така и македонската пејачка Тамара Тодевска се потсети на детството во годините кога летото го минуваше кај баба и во соседството… На своите среќни детски мигови и куќата на баба и која „ги чува“ нејзините најубави детски спомени, па сподели една фотографија од истата во која ги опиша нејзините најубави детски сеќавања при престојот кај баба и Пава, во градчето Црвенка во Војводина…

„Голем дел од моето детство го поминав во оваа куќа. Куќата на баба ми Пава во Црвенка, Војводина. неверојатни чувства ме обземаат само кога ќе поминам покрај неа. најубавите спомени ми се од тука. Првите излегувања, првата љубов, пријатели кои постојат и ден денеска… И баба ми… Таа ми беше посебна љубов. Тооолку и се радував кога доаѓав. Денеска како да беше таму кога поминав, баш пред нејзината капија, да ме чека да пристигнам… И да останам цело лето. Бабо ми недостасуваш секој ден“ – ги споделила своите емотивни сеќавања Тамара заедно со фотографијата на куќата на баба и во Црвенка.
Фото: Инстаграм/tamaratodevska







