Додека во операционите сали секојдневно се бори за здравјето на срцата на луѓето и спасува човечки животи, на покривот на светот ја водеше најголемата битка со сопствените граници. И ја доби! Македонскиот кардиолог и академик д-р Сашко Кедев испиша историја, откако официјално беше впишан во Гинисовата книга на рекорди како највозрасниот човек во светот кој ги искачил сите 14 планински врвови повисоки од 8.000 метри.

Неверојатниот планинарски предизвик на штипјанецот започнал во 2009 година со искачувањето на Монт Еверест. Тогаш, како што се покажало подоцна, тоа било само почеток на една грандиозна 16-годишна авантура, без однапред зацртана цел за светски рекорди, но со огромна страст кон планините и желба да се поместуваат границите на возможното.

Низ годините Кедев се соочувал со услови во кои и најискусните алпинисти се откажуваат. Температури под минус 40 степени, кислород во недостиг, сурови ледени предели и опасности што секој чекор го претвораат во борба за живот. Но, ниту суровоста на природата, ниту неуспешните обиди не успеале да го скршат неговиот дух.

За да стигне до врвот на Канченџунга му биле потребни дури три обиди, додека К2 и Броуд Пик ги искачил во неверојатен подвиг, во временски период од само една недела.
Големото финале на оваа планинарска одисеја се случило на 20 јули 2025 година, кога Кедев го освоил Гашербрум I во Пакистан. Тогаш имал точно 63 години и 14 дена, со што го заокружил својот неверојатен поход кон сите 14 осумилјадници на планетата.

Но, неговиот успех не застанува тука. Гинис му признава и уште еден исклучителен светски рекорд – тој е највозрасниот човек кој ги комплетирал сите 14 врвови повисоки од 8.000 метри, но и највисоките планински врвови на сите седум континенти.

Подвиг за кој се потребни години подготовка, неверојатна физичка и психичка издржливост, храброст и упорност, а кој досега им успеал на помалку од 40 луѓе во светот.

Од болничките сали до најопасните планински височини, д-р Сашко Кедев покажа дека човечката волја нема однапред поставена граница. А Македонија доби уште една приказна за светска гордост!
Фото: лична архива/ социјални мрежи




