ТВ водителката Бојана Јанковиќ (46), која се прослави како водителка на култното шоу „Сити“ на телевизија „Пинк“, е пронајдена мртва во стан во Белград, пишува српски Блиц. Бојана се прослави на ТВ-екраните заедно со нејзината сестра близначка Ивана. Своевремено учествуваше и во реалното шоу „Големиот брат“.
Неофицијално, итната помош ја констатирала нејзината смрт околу 19.00 часот, што било пријавено во Вишото јавно обвинителство во Белград, кое наредило обдукција. Телото на познатата водителка е пренесено во Институтот за судска медицина во Белград.
Според пишувањата на локалните медиуми, разводот на Бојана со музичарот Огњен Јанковиќ тешко ѝ паднал. Според локалните медиуми, Бојана доживеала голем удар пред неколку месеци, во декември 2023 година. Тогаш почина нејзината мајка, која заедно со нејзината сестра близначка Ивана и беше најголемата поддршка.
– Мајка ѝ почина неодамна, се вратила во тој стан во Нов Белград. Нејзиниот брат живее во Америка, разводот во основа го поднесе многу тешко… Живееше сама, претпоставувам, а не знам каде се децата – изјави за „Пинк.рс“ извор близок на покојната водителка.
За потсетување, Бојана во јули 2022 година стави точка на бракот со музичарот Огњен Јанковиќ, режисер и фронтмен на групата „Белградски синдикат“. Потоа тој стапи во врска со Милена Радуловиќ.
По заедничкиот развод тие останаа во добри односи и заедно се грижеа за нивните две деца. Музичарот го напуштил станот во кој живееле, но секој слободен момент го користи за да биде со децата. Бојана и Милена имаа одлични односи, а актерката беше одлично прифатена од нивните ќерки.
Огњен се огласи кратко по веста за смртта на поранешната сопруга.
– Се уште чекам потврда, па се уште не можам да кажам ништо. Разберете ме – изјави Огњен Јанковиќ за „Телеграф“.