Радио Милева

Совети за есенското опаѓање на косата

Совети за есенското опаѓање на косата

Сезонските промени носат различни промени во човековото тело, а една од помалку посакуваните појави е зголеменото опаѓање на косата наесен (а понекогаш и напролет). Стручњаците велат дека, сепак, постојат начини да се намали тој косопад.

Луѓето вообичаено губат околу 100 влакна коса секој ден. Ако, сепак, има повеќе влакна од вообичаено на перницата или на четката за коса при преминот од една сезона во друга, се работи за т.н. сезонско опаѓање на косата. Тоа е нормално и нема простор за грижи. Но, доколку опаѓањето продолжи подолго време, се препорачува посета на трихолог за да се открие вистинската причина.

– Сезонскиот косопад се јавува кога Вашиот скалп доживува стрес од температурните промени, што резултира со губење на косата. Есента и пролетта се најчестите периоди за овој тип опаѓање на косата, објаснува Вес Шарптон, фризер и едукатор за брендот „Хејрстори“ (Hairstory).

Косата минува низ неколку циклуси: анаген (фаза на раст), катаген (транзиција), телоген (одмор) и егзоген (опаѓање). Според истражувањата, косата влегува во телоген-фазата во лето, а во егзоген – наесен.

Што точно ја предизвикува оваа транзиција – сè уште не се знае точно, но се смета дека температурните промени го поттикнуваат и катагенот и егзогенот.

Како да се справите со сезонското опаѓање на косата? Најважно, пред сè – е да се внимава на скалпот. Сувиот скалп го зголемува опаѓањето. Затоа, корисно е да се прават регенеративни третмани барем еднаш неделно за време на промената на годишното време.

Третманите со топло масло – особено масла што го поттикнуваат растот на косата, како зелениот чај, рицинусово или масло од здравец, можат значително да помогнат. Брит Дион – стилистка и уметничка директорка на „Аведа“ (Aveda), препорачува и шампон за длабинско чистење.

Урамнотежената исхрана, исто така, игра голема улога.

– Одржувањето на оптималните нивоа на клучните хранливи материи за раст на косата може да го спречи сезонското опаѓање. Клучни се хранливите материи како витамин Д-3, железо, цинк, Б-12 и фолна киселина, вели д-р Вилијам Гонак, трихолог.

Нивниот недостаток, како и воспалението предизвикано од сезонските алергии, зголемениот внос на шеќер и намаленото изложување на сонце, може да го зголеми косопадот. Земањето додатоци во исхраната може да помогне. Исто така, треба да се избегнува прекумерна употреба на топлотни алатки и силна боја на коса во овие месеци за да се намали ризикот од иритација на скалпот.

Извор: Курир

To top