Мегафон ќе се одржува до 9 ноември

Скопскиот филмски фестивал со нова концепција и програма

Скопскиот филмски фестивал со нова концепција и програма

Петчлено меѓународно жири, во кое се и двајца наши филмски професионалци, ќе одлучат за наградите во натпреварувачката програма на 26. Скопски филмски фестивал, кој беше отворен синоќа во Македонскиот народен театар.

Фестивалот денеска ги претстави членовите на жирито – британскиот филмски продуцент Стив Абот, кој, покрај богатата кариера, останува запаметен и како менаџер и продуцент на култната комичарска група „Монти Пајтон“; Даниела Вебер, филмска селекторка и организаторка на Берлинскиот филмски фестивал, актерката и продуцентка Лабина Митевска, српскиот режисер и сценарист Павле Вучковиќ и нашиот филмски и телевизиски режисер и сценарист Даријан Пејовски.

За филмовите во конкуренција ќе бидат доделени нааградата „Скополија“ – за најдобар филм во компетиција; награда „Скопје“ – за најдобра режија; Специјално признание за најдобар филм во компетиција и Специјална награда од млади синеасти.

Фестивалот ќе се одржува до 9 ноември. Почна вчера со проекција на филмот „Идиоти“ на полските режисери Малгоржата Шумовска и Михал Енглерт на кои, на свеченото отворање, им беше врачена новата фестивалска награда – почесната „Златна скополија“, за исклучителен придонес во светската кинематографија.

СФФ соопшти дека годинава носи модернизиран концепт, збогатена програма и  поголемо меѓународно присуство.  Фестивалот, кој е основан во 1998, се трансформира со цел, како што велат од тимот – осовременување на неговата појавност и програмска структура. Се зголемува и бројот на интернационални учесници, автори кои лично ќе и ги претстават своите остварувања пред публиката, а тимот и фестивалскиот одбор вклучуваат познати професионалци од Европа и светот.

Како што најави, во деновите што следуваат Скопскиот филм фестивал ќе понуди исклучително богата и разновидна филмска програма исполнета со премиери на истакнати авторски остварувања, фестивалски фаворити, динамични филмски разговори и ексклузивни мастерклас сесии со гости предавачи кои ќе се одржуваат во Фестивалскиот центар во Младинскиот културен центар,  а проекциите се во Македонскиот народен театар и во киното „Фросина“ во МКЦ.

Во официјалната натпреварувачка програма,  со наслов „Дијалози“, се осум филма: „Тинејџерски секс и смрт во кампот Мијазма“, „Спирала“, „Изабел“, „Нема рај ако ти убие жена“, „Отфрлен“, „Чувство на дом“, „Мизерна мајка“ и „Тивки ноќи“.

Фестивалот во понеделник ќе биде затворен со филмот „Електричен бакнеж“, кој е во програмата надвор од конкуренција, и со краткометражни остварувања и селекција на Европската филмска академија. Во рамки на програмата надвор од конкуренција ќе бидат прикажани и „Фјорд“ и „17“,  а во програмата со наслов „А1 кинотека“ ќе бидат филмови од српската кинематографија. хс/са/

Фото: СФФ / МИА

To top