Денес неговото име за жал е најпребарувано, најчитано, најспоменувано, Зоки Фаци…
Замина, летна на небото, ама не како неодамна кога крена рака за поздрав од ескалаторот на аеродромот, тогаш полн со надеж и благодарност за хуманоста на Македонците кои собраа средства за негова операција во Турција.
Последното збогум, сега е од другата страна, простување од многумина кои го знаеја, работеа со него, го сакаа, па и тие што не го обожаваа, а со оглед на неговата екстровертност, директност, контроверзност, очекувано такви ги имаше.
Сепак, единствени кои тој ги сакаше безусловно, а и тие него, беа животните, сите и од сите видови.
Зоки за многумина беше естраден новинар, а за оние подобро упатените, тој по вокација беше нешто сесема друго – ветеринар.
Токму љубовта и знаењето кое го имаше му го менува животот по еден оглас во весник.
Барале ветеринар да пишува статии за животни, па така започнала неговата новинарска кариера која стартува со информации и написи од областа на ветерината и зоологијата.
Периодов, кога болеста веќе му ја оздема силата и мобилноста, Зоки повеќе седеше дома, „копаше“ по старите спомени и ги споделуваше на социјалните мрежи.
Меѓу таквите објави се најдоа и стари фотографии од времето кога студирал ветерина.
– Во времето кога единствена желба ми беше да бидам ветеринарен лекар, да им помагам на животните, но Бог имал други планови… шоубиз. Ми остана само љубовта кон животните, напиша тогаш Зоки.
Ги сакаше сите животни, но особено му беа драги коњите, да ги гледа, храни, гали, јава, да има уметнички дела од нив…
Тоа беше Зоки каков малкумина го познаваа, а најдобро и неговата неизмерна љубов кон нив ја чувствуваа тие – животните.
Светол пат Зоки и јавај во вечноста!
фото:Instagram printscreen/ zokifaci