На You Tube премиерно беше објавен видеоспотот за најновото музичко остварување насловено „Ептен Љубовна“ во изведба на Игор Џамбазов и Сара Мејс & The Girlzz.

Оваа песна е плод на музичката креативност на големиот уметник и шоумен Игор Џамбазов, кој ги креираше музиката и текстот, а ја изведува заедно со Сара Мејс и вокалниот состав The Girlzz, составен од Калина Велковска, Ана Петановска и Теа Богатинова.

Аранжманот на песната е дело на Гуру Харе, кој додаде свои уникатни музички елементи, додека вокалниот аранжман за девојките е подготвен од Теа Богатинова, која внесе хармонија и изразност во нивните гласови.

Спотот, снимен на неколку автентични локации низ Скопје, е режиран од Борјан Стојков, кој успева да ја пренесе суштината на песната во едно слатко сценарио. Оваа уникатна музичка колаборација донесува специфичен пристап во љубовните теми и на симпатичен начин ја прикажува љубовта од поинаква перспектива.

„Песната ја пишував во етапи. Пишувана е за неколку жени. Една вистинска, една лажна и неколку замислени. Затоа и се вика ептен љубовна…

Многу љубов има вложено во неа. Уживајте!“, напиша Игор Џамбазов на својот Instagram профил по објавата на новата композиција која можете да ја проследите во продолжение.







