Сара Џесика Паркер одамна не е само Кери Бредшо и една од најпрепознатливите модни икони на телевизијата. Последниве години актерката изгради и сериозна винска приказна, а сега во нејзината колекција пристигнува нешто сосема ново – Sauvignon Blanc без алкохол.
Ѕвездата го претстави Invivo X, SJP Sauvignon Blanc 0%, најновото вино создадено во партнерство со новозеландската винарија Invivo.
„Веќе подолго време слушаме од многумина од вас дека понекогаш посакувате чаша од нашиот Sauvignon Blanc, само без алкохолот. Ве слушнавме“, порача Паркер при претставувањето на новото вино.
Идејата, всушност, е прилично едноставна: да се задржи карактерот по кој е познат нивниот Sauvignon Blanc од Нов Зеланд, но да се отстрани алкохолот.
Виното прво се прави, па потоа му се отстранува алкохолот
Зад новото издание повторно стои винарот и коосновач на Invivo, Роб Камерон. Основата е Sauvignon Blanc од Марлборо, од лозја во долините Awatere и Wairau, а потоа виното минува низ процес на деалкохолизација.
За тоа се користи технологија позната како spinning cone, со која алкохолот се отстранува внимателно и на ниска температура, со цел да се зачуваат лесно испарливите ароми што му го даваат препознатливиот карактер на Sauvignon Blanc. Според официјалната техничка спецификација, финалното вино има помалку од 0,5 проценти алкохол.
Камерон има 29 берби зад себе, а од Invivo наведуваат дека повеќе од 14 години работи и со вина со намален или отстранет алкохол.
По деалкохолизацијата се додава и мала количина природен дабов танин, со цел виното да ја задржи полнотијата и чувството во устата што обично се губат кога се отстранува алкохолот.
Тропско овошје, цитрус и јаболко
Според описот на производителот, во ароматскиот профил доминираат тропско овошје, цитрус и свежо јаболко, додека на непцето виното треба да биде свежо, живо и со заоблена текстура.
Тоа не е случајно. Марлборо е регионот кој го прослави новозеландскиот Sauvignon Blanc, а природно високата киселост и изразената ароматичност на грозјето овозможуваат неговиот карактер полесно да се задржи и по отстранувањето на алкохолот.
Новото вино веќе е во продажба на Нов Зеланд, каде што се појавува кај повеќе специјализирани трговци, а достапно е и на американскиот пазар.

Паркер во својата објава откри и дека виното веќе добило сериозно признание – 95 поени и Non-Alcoholic Trophy на New York World Wine & Spirits Competition, како и 90 поени од новозеландски вински критичар.
Винска приказна што започна во 2019 година
Соработката меѓу Сара Џесика Паркер и Invivo започна во 2019 година, кога актерката со Роб Камерон и Тим Лајтборн го создаде првиот Invivo X, SJP Sauvignon Blanc.
И ова не е класичен случај во кој славна личност само го става своето име на етикета. Паркер е вклучена во дегустациите и создавањето на купажот, како и во визуелниот идентитет на брендот. Првата мешавина ја создале заедно во Њујорк во 2019 година.
Соработката во меѓувреме прерасна во цела винска линија. Покрај Sauvignon Blanc, портфолиото вклучува розе од Франција, новозеландски Pinot Noir, а неодамна и необичен Sauvignon Blanc со халапено.

Основниот Invivo X, SJP Sauvignon Blanc во изминатите години собра повеќе десетици признанија и повеќепати се најде меѓу највисоко оценетите вина на Wine Spectator. Официјалната страница на брендот наведува повеќе од 60 златни медали и три појавувања на листата Top 100 на Wine Spectator.
А сега Сара Џесика Паркер очигледно сака во таа приказна да ги вклучи и оние кои од различни причини не сакаат алкохол во чашата.
Како што самата вели за новото издание: исполнето е со тропско овошје, цитрус и свежо јаболко – „и едноставно го обожаваме“.







