Културно информативниoт центар – Скопје влегува во нова приказна. Овој пат во соработка со сродните културни центри од внатрешнста на Македонија. Се работи за патувачкиот интердисциплинарен и мултимедијален фестивал КУЛТУРЕН АМАЛГАМ!
Во својата основа овој фестивал има за задача да отвори врати кон вистинска и коренита децентрализација на културата во Македонија преку поставување темели на соработка и градење на културна свест во различни средини низ различни градови. Соработката на Културно информативнит центар – Скопје со останатите центри, преку меѓуинституционалниот и мултимедијален фестивал треба да постави темел за понатамошно аплицирање на истиот и низ останатите градови низ Македонија, а по примерот на Скопје, Кратово, Крушево и Битола, кои се предвидени за ова прво издание на фестивалот.
КАЛЕНДАР:
Културно информативен центар – Скопје, Скопје
23 јули 2024
Дом на културата „Лазар Софијанов“, Кратово
27 јули 2024
Дом за култура „Наум Наумовски Борче“, Крушево
6 август 2024
Центар за култура – Битола, Битола
август 2024 (TBC)
ПРОГРАМА:
„24“ Изложба на фотографии од Никола Јовановиќ
Проекции на филмови од Саша Станишиќ:
– „Митот за Сара“
– „Мангава диско панк“
– „Долу од рајот“
(Локалната програма ќе биде збогатена до дополнителни содржини)
Никола Јовановиќ е млад фотограф роден во Скопје (2002), кој активно се бави фотографија веќе неколку години. Кон крајот на 2020-та година почнува активно да се бави со портретна и музичка фотографија. Црно-белата фотографија е негов заштитен знак, негува ретро стил налик на оној од крајот на 20-от век.
Саша Станишиќ е претставник на новата генерација на режисери од Македонија чиј фокус на интерес е сместен на локалните реалистични дискурси кои можат да се протегнат или аплицират по својата универзалност и на други делови од планетата, неговите партикуларни теми често во себе кријат општа човечка детерминанта. Во филмовите на Станишиќ свој одраз има и неговото претходно образование од книжевната компаративистка, која го збогатува неговиот наративен и интертекстуален пристап.