Од 19-ти до 25-ти мај, културниот центар „Буква“ во Скопје ќе пулсира во ритамот на џезот. Првото издание на фестивалот БУКВАЛНО. ЏЕЗ најавува вистинска музичка авантура со внимателно селектирана програма и настапи на истакнати домашни и меѓународни џез артисти.
Фестивалот, кој се одржува во пријатниот амбиент на просторот и дворот на „Буква“, има за цел да создаде нова традиција на урбана, квалитетна и автентична музичка култура, насочена кон љубителите на џезот, но и кон пошироката културна публика.
Музичкиот портал Музика24, како единствен музички медиум во Република Македонија кој доследно ги следи и поддржува квалитетните музички настани, со задоволство го поддржува и ова прво издание на БУКВАЛНО. ЏЕЗ, препознавајќи го потенцијалот на фестивалот да стане нова културна точка на џез картата во регионот.
Во текот на фестивалската недела, ќе настапат реномирани музички имиња, а покрај концертите, програмата вклучува и работилници, џем-сешни, разговори со уметници и тематски изложби поврзани со историјата на џез музиката.
БУКВАЛНО. ЏЕЗ. 19—25 мај 2025
ПОНЕДЕЛНИК | 19 мај
- 17:00 «Џез: звук, слика, збор» со Владимир Мартиновски
- 19:00 Отворање на изложба «Jazz» (графика, масло, скулптура: Диме Темков и Лучка Кошчак) со ритмични илустрации на Михаил Парушев
- 20:30 Вечерен џез со Zulu 3.4
ВТОРНИК | 20 мај
- 18:00 «Џез вињети» со Александар Прокопиев
- 20:00 Вечерен џез со Swing 42
СРЕДА | 21 мај
- 17:00 Буква прикажуе: «За џезот со душа» (џез анимации, селектор: Марија Савелева)
- 20:00 Вечерен џез со Хот Џез Оркестар
ЧЕТВРТОК | 22 мај
- 17:00 «Азбука на скопскиот џез» со Кирил Темков
- 20:00 Вечерен џез сет со Игор Спироски и Шурбе
ПЕТОК | 23 мај
- 18:00 «Шпаклофонија» — инструМентални експерименти со Владимир Лукаш, Виктор Танасковски и Тома Димовски
- 20:00 Вечерен џез со Taxi Consilium
САБОТА | 24 мај
- 13:00 «Џез во боја» — ликовна импровизација со Доротеј Нешовски
- 20:00 Вечерен џез со Odron Ritual Orchestra
НЕДЕЛА | 25 мај
- 13:00 «Дај од џезот» — танцов мастер-клас со Билјана Грозданова, Венус
- 20:00 Вечерен џез со Звук Караџиќ
Скопје станува нова џез дестинација со првото фестивалско издание на БУКВАЛНО. ЏЕЗ., кое најавува освежување на македонската музичка сцена. Зад ова културно случување стојат организаторите Андреј Јованчевски, Анастасија Овчаренко и Александар Сандревски, кои со многу ентузијазам и љубов кон џезот го создадоа овој проект. За визуелниот идентитет на фестивалот се погрижија Марија Савелева и Александар Савелев, додека аудиовизуелниот амбиент и звучниот дизајн ги потпишува Владимир Голоухов.
Скопје одамна заслужуваше автентичен џез фестивал, а БУКВАЛНО. ЏЕЗ е токму тој нов здив – отворен, модерен, и со страст кон музиката. Со вакви иницијативи, градот полека но сигурно се позиционира како вистински центар на културни збиднувања.