Радио Милева со силна порака

Преживеаниот гитарист на ДНК раскажува за кобната ноќ и закрепнувањето: „Еден месец бев во кома, сите кои се соочуваат со искушение да соберат храброст и да се борат“

Преживеаниот гитарист на ДНК раскажува за кобната ноќ и закрепнувањето: „Еден месец бев во кома, сите кои се соочуваат со искушение да соберат храброст и да се борат“

Гитаристот на групата ДНК, Горан Тонев, кој кобната ноќ настапуваше во дискотеката „Пулс“ во Кочани беше еден од повредените, и преживеани во пожарот.

По речиси една година тешко животно искушение, дваесет и пет годишниот штипјанец пред камера раскажа како во пожарот се здобил со многу повреди, мислејќи дека ќе го загуби животот. Го спасила девојка која му пришла и заедно со мајка и го однеле во болница од каде бил пренесен во Скопје, па на долго лекување во Солун.

-После многу време разбрав која е и ја знам, Моли. Таа и нејзината мајка со приватно возило ме однесоа во болницата во Кочани. Од таму сум пренесен во клиниката во Скопје, ја губам таму свеста и сум во вештачка кома скоро еден месец. Потоа сум префрлен на лекување во „Папаниколау“ во Солун. Многу време сум во кома, во мојата глава беше исто како да сонуваш, меѓутоа имам некои сеќавања од моментот кога сум во вештачка кома. Се сеќавам кога првпат го прашав мојот татко кој датум е, не можев ни да зборувам како што треба поради изгорениците на дишните патишта, тој ми кажа 16 април, вели Тонев во документарниот филм „Од пламен до надеж“.

Музичарот додава дека во солунската болница имал максимална поддршка и помош од медицинскиот персонал, како за него, така и за неговите родители.

-Едвај чекав да стигнам дома. Се уште имав отворени мали рани кои требаше да се преврзуваат. Ме упатија кај една докторка која е во Кочани, доктор Кате. Од тој момент, јас почувствував сигурност во неа и не постојат зборови со кои може да и се заблагодарам, раскажува Тонев.

Тој упати силна порака до сите кои се соочуваат со тешки моменти во животот.

-Мојата порака до сите луѓе кои се соочуваат со некое искушение е да бидат благодарни на секој ден што го живеат, да ги ценат сите работи, да соберат храброст и да се борат, дециден е Горан Тонев.

фото:You tube printscreen/ документален „ОД пламен до надеж“

To top