Мегафон сопствен фестивалски идентитет

Претставени новите песни за „Фолк Фест Владимирово 2026“

Претставени новите песни за „Фолк Фест Владимирово 2026“

Фестивалот ќе се одржи на 21 мај, на празникот Св. Спас, во селото Владимирово, со поддршка од Општина Берово како официјален партнер, како и од локалното население. Концептот и визијата повторно ги потпишува Културниот центар „Горан Алачки“, кој и годинава ја презема продукциската и организациската тежина на настанот.

Минатогодишното прво издание постави сериозни стандарди, па љубопитноста околу новите песни беше очигледна уште пред почетокот на преслушувањето. Според првичните впечатоци, новиот материјал го задржува препознатливиот фестивалски дух – традиционален фолк израз со современа продукциска обработка и мелодиски линии што лесно остануваат во сеќавање. Композициите се снимани во студиото на Иван Кукиќ во Струмица, во соработка со Методија Автовски, со што, како што нагласи Алачки, се гарантира квалитетна тонска и продукциска рамка.

Преслушувањето го отвори легендарниот Драган Мијалковски со емотивната „Крушата на татко ми“, песна што ќе го отвори и фестивалското издание на 21 мај. Во продолжение беа претставени и останатите композиции: Жаклина Узунова – „Зарем љубовта е таква“Нино Величковски – „Дојде зор заман“Виданка Георгиевска – „Абре дедо стар бел дедо“Круме Спасовски – „Дојди ми лудо“Смиља Митревска – „Судбина“Ванчо Тарабунов – „Еј Малеш мил мој Малеш“Благоја Грујовски – „Сакам да ти кажам“Елена Андоновска – „Седум години минаа“Перо Христов – „Ни црно вино ни бело вино“Благица Калева – „Цело Берово оро заигра“ и Горан Кукиќ и Ленче Кукиќ – „Чувајте ни ја нашата песна“.

Песните делуваат приемчиво уште на прво слушање, со рефрени што лесно „влегуваат во уво“ и носат потенцијал за масовно потпевнување – нешто што е суштински белег на фестивал од ваков карактер.

По официјалниот дел, каде што тв водителка и водител на фестивалот Ели Танасковска заедно со Алачки ги образложија сите детали околу организацијата, следуваа новинарските прашања.

Сега останува јавноста да го дочека 21 мај и да види дали второто издание ќе го потврди минатогодишниот успех. Ако продукцијата, изборот на песни и организацијата останат на истото или бидат на повисоко ниво, „Фолк Фест Владимирово 2026“ има сериозен потенцијал да се етаблира како значаен фестивал на македонската фолк сцена – со јасен концепт, локална поддршка и звучни музички имиња. Како фестивал што не само што негува традиција, туку и гради сопствен идентитет.

Извор: 24Музика

To top