Мегафон љубов посилна и од судбината

Почина сопругата на пејачот на „Меморија“: Поце ја сакаше Вики повеќе и од себе!

Почина сопругата на пејачот на „Меморија“: Поце ја сакаше Вики повеќе и од себе!

По долго и тешко боледување, на 56-годишна возраст почина Вики Икономова, сопругата на Апостол Поце Икономов, пејачот на легендарниот македонски бенд „Меморија“.

Тажната вест на социјалните мрежи ја соопшти основачот и лидер на бендот, Петар Георгиевски-Камиказа.

„Вечнаја памjат, мир и спокој да најдеш, горе меѓу звездите, Вики Икономова. Поце те сакаше повеќе од сѐ, дури и од самиот себе! Во 10-годишната здравствена голгота, ниеднаш не покажа слабост во траорната битка барајќи ‘иљач’ за твојата болест. Ја носеше подеднакво храбро и доблесно, како човек кој искрено љуби и се бореше до последниот твој здив. Денес во 14 часот престана да чука срцето на Вики. Друже Поце, искрено сочуство. Секоја песна и тон со твојот ангелски глас, испеани на нашите концерти на неа ѝ ги беше посветил. Затоа концертите беа посебни“, напиша Перо Камиказа објавувајќи го датумот и часот на нејзиното последно испраќање.

За потсетување, Поце за состојбата на својата тешко болна сопруга но и тешката финансиска ситуација во семејството зборуваше во своето интервју, ексклузивно дадено за Вистина.ком.мк пред речиси две години, во август 2022-та:

„Се’ започна пролетта во 2014 година кога бендот не свиреше, мируваше и беше во своевидна ‘музичка хибернација’, а јас притоа останав и без работа. Живеевме од платата на сопругата која тогаш за првпат се соочи со тешката и опака болест откако ќе и се слоши на работа… Дијагнозата – онаа најлошата… Тумор на мозокот кој е тешко операбилен“ – ја раскажа својата приказна Поце кој е татко во тоа време на две малолетни ќерки кои се во возраст на „хормонална експанзија“.

Покрај шокот од здравствената катастрофа, пејачот останува и во многу лоша финансиска ситуација, зашто треба да се подига семејството, школуваат децата, при тоа да се плаќаат сите трошоци за режија, да се живее и покрај тоа се’, уште и да се отплаќа рата за кредитот за станот.

И сето тоа со намален приход кој прераснува во некаква минимална социјална пензија од сопругата која престанува да биде способна да оди на работа, зашто здравствена ситуација со текот на времето станува се полоша и полоша, а таа останува неподвижна, врзана за постела.

Во меѓувреме болеста на сопругата рапидно прогресира до таа мерка што целосно ја врзува за постела, а тој избира да биде за цело време покрај неа, како некој кој мора физички да биде 24/7 тука и да се грижи постојано за жената. Примањата се никакви, животот нему и на семејството му се сведува на едвај голо преживување, а ратите од кредитот се трупаат, па пејачот е приморан да го продаде станот, за да го врати долгот на банките, а она малку што ќе му остане да го заложи за нов кредит и стан.

Но, љубовта кон неговата Вики ќе биде многу посилна и поголема од беспарицата, зашто како што на денот на нејзиното заминување ќе сподели лидерот на Меморија, Петар Георгиевски –  Камиказа: „Поце ја сакаше Вики дури и повеќе од себе! Како човек кој искрено љуби остана до неа, до нејзиниот последен здив“.

Фото: Инстаграм/Фејсбук

To top