Пејачот Павле Камилоски и неговата сопруга, планинарката Ирина Дишо не чекаа да помине многу за да го прошират семејството со второ дете. Во очи на Василица, дојде и тој ден и момент кога Ирина се породи на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, па по синчето Јосиф, на свет дојде и ќеркичката која таа ја износе до крај и ја роди во 42-та недела од бременоста.
Малата принцеза доби прекрасно име Лена, а веста за раѓањето на бебето ја соопштија сестрите на Павле, кои заедно со пејачот нестрпливо чекаа пред одделот за гинекологија каде наздравија со чаша бело вино за топло добредојде во семејството на малечката убавица.
Потоа славењето за радоста продолжи во една скопска кафеана каде најблиските од семејството одново наздравуваа и се радуваа на пристигнувањето на семејната принова…
Веселото женско друштво му наздравуваше на среќниот татко, но и се радуваше со песна… И тоа не било која туку најмногу и најгласно со онаа која го носи истото име како малечката, па од нивните грла одекнуваше „Твоите очо Лено мори“…
Во меѓувреме пристигаа безброј честитки до среќните родители… И лично, преку мобилните и преку социјалните мрежи!
Инаку, Ирина до последен момент беше активна трудница… Уште откако дозна дека носи второ дете, не престана да спортува.
Летоска пливањето и беше главна активност, а планинарењето не го запостави до последен момент пред породувањето кога со синчето се искачуваше на снежното Водно.
Дали малечката принцеза ќе оди по нејзините стапки или за нејзиниот глас надалелку ќе се слушне, ќе покаже времето, во зависност каде фатил генот. Важно е да е здрава и жива, а на гордите родители и ние им се придружуваме на честитките.
Фото: Инстаграм/irinadisho and pavle_kamiloski