Радио Милева „Ти кажувам ќерко, сети се снао“...

Панчо – ДНК распали по селекторот на македонската фудбалска репрезентација: „Во тешки моменти се гледа кој е човек, а кој ти е душман и само од интерес“

Панчо – ДНК  распали по селекторот на македонската фудбалска репрезентација: „Во тешки моменти се гледа кој е човек, а кој ти е душман и само од интерес“

Македонската фудбалска репрезентација ја очекуваат натпревари во новиот циклус од „Лигата на нации“ и првите два меча против Фарски Острови и Ерменија, од кој првиот се игра веќе оваа сабота.

Селекторот Благоја Милевски оддамна го соопшти списокот и веќе тргна да го уигрува тимот, во надеж дека овој пат ќе оствариме многу подобри резултати со оглед на силата и рејтингот на противниците во групата.

Токму за неговиот начин на водење на репрезентацијата и досегашните (не)успеси, се креваше и се уште се крева голема прашина, ама селекторот и покрај се’, ем доби нов мандат, ем не помислува самиот да си замине. Можеби овој циклус му е последната шанса да покаже дека може многу повеќе, иако на списокот на играчи не се најдоа некои, кои се’ уште се активни и играат, со своето искуство можеа да придонесат за подобри резултати, како… Екс капитенот Стефан Ристовски, Илија Несторовски, Бобан Николов… кои оддамна ги нема на списокот и веројатно додека е Милевски селектор, нема да ги има.

Хрватскиот селектор Златко Далиќ пак на пример и покрај тоа што еден Иван Перишиќ остана без клуб по кавгата со раководството на Хајдук и тренерот Џенаро Гатузо, сепак го повика во репрезентацијата. Можеби не е во најдобра форма по тешката повреда и се’ уште е без клуб, но минатиот труд и заслугите за репрезентативниот дрес на „коцкестите“ не се забораваат.

Така е во Хрватска, ама не и кај нас. Ова дополнително го изнервира Владимир Блажев, алиас Панчо од ДНК, кој е пасиониран љубител на фудбалот и близок пријател со некои од македонските репрезентативци, па по принципот „Ти кажувам ќерко, сети се снао“, јавно на асоцијалните мрежи  распали по селекторот на македонската фудбалска репрезентација.

„Замислете и ние да имавме селектор со вакви сфаќања? Брзо се заборава кој што правел и колку придонесувал. Лесно се откажуваме од играчи кои со своето искуство се’ уште можат многу да придонесат за нашата репрезентација и да дадат злато вредни совети на младите фудбалери, макар седеле и на клупа! Во тешки моменти се гледа кој е човек, а кој ти е душман и само од интерес“ – јавно му порача Панчо на „сер Боби“ во својот споделен пост, правејќи паралела со потегот на хрватскиот селектор Далиќ со нивната фудбалска легенда Перишиќ.

Фото: Инстаграм/hns_cff/ffmacedonia/Vladimir Blazev

 

 

 

To top