Хали Бери се најде во непријатна ситуација откако нејзиниот поранешен сопруг ја обвини дека го злоставувала нивниот син.
Ќерката на Хали Бери првпат се огласи по сериозните обвинувања што против актерката ги изнесе нејзиниот поранешен сопруг, Оливие Мартинез, и во својата изјава одлучно застана на страната на мајка си.
Нала Обри, 18-годишната ќерка на Хали Бери и нејзиниот поранешен партнер Габриел Обри, изјави дека нејзината мајка е посветен и грижлив родител и дека никогаш не видела како таа физички го повредува својот помлад брат Масио.
Мартинез претходно ја обвини Хали дека за време на наводна расправија на 26 септември го повредила нивниот 13-годишен син, тврдејќи дури и дека го давела. Тој изнесе и тврдења дека актерката претходно упатувала расистички навредливи коментари кон момчето.
Нала ги отфрли овие наводи во изјава пред судот до која дошол порталот Page Six.
– Никогаш не сум видела мајка ми да го удри, да му удри шлаканица, да го дави, да го зграпчи или на кој било начин физички да го малтретира Масио – навела таа.
Додала дека Хали секогаш наоѓала време за неа додека растела, но и дека била исклучително посветена на Масио. Според нејзините зборови, актерката го носела на тренинзи и турнири, го следела неговото образование и му давала поддршка секогаш кога му била потребна.
Нала признала дека обвинувањата против нејзината мајка ја шокирале и длабоко ја погодиле, особено поради нејзиниот помлад брат, кого го опишала како духовито, паметно и многу харизматично момче.
Таа се осврнала и на тврдењата за расистички навредливи коментари, наведувајќи дека никогаш не ја слушнала Хали да зборува на таков начин за Масио.
– Мајка ми е со мешано потекло, јас сум со мешано потекло, исто како и Масио. Уште од мали нè учеше да го прифатиме тоа што сме, да ги цениме различностите и да ги почитуваме луѓето од сите потекла – напишала Нала.
Таа открила и дека последен пат разговарала со брат ѝ на 29 септември, кога тој звучел среќно и не делувал вознемирено.
– Многу сакам да разговарам со брат ми и да проверам како е. Сакам да знае дека го сакам – порачала Нала.
foto: printscreen/instgaram/halleberry






