Вчеравечер(20.Ноември), преполната сала на Македонската филхармонија во Скопје се претвори во вистински храм на психоделичниот и прогресивен рок, каде што македонскиот музички проект „NUMB – Tribute to Pink Floyd“ приреди аудиовизуелен спектакл кој уште долго ќе се прераскажува.
Од првата секунда кога светлата се изгаснаа и сцената се обои во моќна црвена и светлосна магија проследена со карактеристичниот светлечки прстен на средината, стана јасно дека вистинските „Флојд“ фанови ги очекува едно патување низ времето, спомените и најдлабоките емоции. Концептот на вечерта беше прецизно фокусиран околу легендарната „PULSE“ ера – период со кој се одбележува 36-годишнината од ремастерот на едно од најзначајните лајв-изданија во историјата на светската рок-музика, па оттука и самиот сценски приказ со кружниот светлосен екран директно го евоцираше култниот визуелен идентитет на британските великани.

Магијата започна уште со првите препознатливи, бавни и хипнотизирачки гитарски акорди на воведната „Shine On You Crazy Diamond“ од албумот „Wish You Were Here“, а во моментот кога моќниот вокал на Ѓоко Танески ги испеа првите стихови на Дејвид Гилмор, низ целата сала поминаа морници.
Репертоарот беше внимателно и беспрекорно склопен како пресек на највредните ремек-дела од златниот каталог на групата. Публиката без здив ги проследи култните нумери од безвременскиот „The Dark Side of the Moon“, а ништо помалку моќно не звучеа ниту класиците од „The Wall“ како „Another Brick in the Wall “, „Mother“, „Hey You“ и „Comfortably Numb“, како и бисерите од „A Momentary Lapse of Reason“ и „The Division Bell“ за најверните познавачи на нивниот опус.
Иако Ѓоко Танески со својата суверена и емотивна вокална интерпретација беспрекорно го водеше фронтот на сцената, најголемиот инструментален товар падна на рамениците на иницијаторот на целиот овој проект, охридскиот гитарист Анатоли Арнаудоски. Неговата изведба беше повеќе од совршена до последниот тон – неговата гитара буквално плачеше, ржеше и везеше звуци кои во секунда ги претвораа емоциите во живи слики.
Сепак, комплетната врвна екипа на сцена од дури 13 македонски музичари и придружни вокали – меѓу кои Владимир Кречоски, Ѓорѓи Калајџиев, Никола Јосифоски, Ненад Мургоски, Димитри Алчев, Ангелко Гече Јовчески, Ана Костадиноска, Весна Илиќ, Теа Богатинова, Кирил Кузмановски, Горан Кавраков и Бојан Угриновски – на сцената делуваа како едно беспрекорно уиграно тело.
Пред самиот крај на официјалниот дел, на сцената како дополнително вокално освежување се појави и пејачот Дарко Гроздановски, внесувајќи нова свежина и динамика во финалето на вечерта. Очекувано, преполната сала не дозволи музичарите да си заминат без бис, па Ѓоко Танески и тимот за самиот крај ја изведоа експлозивната „Run Like Hell“, со што го доведоа адреналинот до максимум.

Вчерашниот концерт во Македонската филхармонија не беше само обична репродукција на туѓи хитови, туку триумф на домашната музичка зрелост, страст и врвен професионализам. Ова беше вечер која во вистинска смисла на зборот понуди уживање за сите сетила – ретко аудиовизуелно доживување кое докажа дека кога музиката се прави од срце и без компромиси, магијата на „Пинк Флојд“ може да оживее и да звучи светски токму пред нашата публика.
фото/видео:Вистина/Gemini




