Мегафон Фестивал на современата музичка сцена

Од електроника до поп, трап, поезија… Современиот звук на „ПМГ Рекордингс Фестивал 14“

Од електроника до поп, трап, поезија… Современиот звук на „ПМГ Рекордингс Фестивал 14“

Скопје и оваа есен ќе биде центар на современата музичка сцена, со одржувањето на „ПМГ Рекордингс Фестивал 14“, од 16 до 18 октомври на сцените на „Јавна соба“ и на малата сцена во МНТ.

Под мотото на промената, поврзана со бројот „14“ како симбол на трансформација, слобода и духовен раст, фестивалот носи програма која ја спојува урбаната култура, новите музички експерименти и автентичниот звук на домашните и меѓународни автори.


Најголемо внимание, привлекува настапот на MANGROOVE – еден од најреномираните и најквалитетни поп-состави од хрватската сцена, кои за првпат ќе настапат пред македонската публика. Нивниот концерт е закажан за 18 октомври во „Јавна соба“, како кулминација на тридневниот фестивал. MANGROOVE се препознатливи по свежината, силната емоција и извонредната енергија на живите настапи – бенд, кој не смее да се пропушти. Зад нив стои креативниот тандем Тони Старешиниќ, клучна фигура на хрватската џез сцена, и Жељка Веверец, чиј глас и авторска моќ за стихови го носат бендот во самиот врв на регионалната музичка продукција. Придружени од врвните музичари Силвио Бочиќ и Лео Беслаќ, MANGROOVE со 6 студиски албуми донесоа многу хитови, соработки со признати музичари, како и со Џез оркестарот на Хрватската радио телевизија. На концертот во Скопје, публиката ќе има единствена можност да слушне дел од најголемите хитови, но и да биде меѓу првите, кои ќе слушнат и музика од најновиот албум „Комад неба“.

Вечерта ќе ја отвори македонската електро-поп дива Марија Каева, со трио состав, збогатувајќи ја програмата со избор композиции, препознатливи синглови и рефрени од последниот албум „Фортуна“.

Фестивалот започнува на 16 октомври во „Јавна соба“, со настап на Александар Велики – музичкото алтер его на Александар Гавровски. Тој е активен во сферата на музиката повеќе од две децении, а со соло проектот и три студиски албуми покажа зрел авторски израз.

Истата вечер ќе настапат и Donplaya & Prince$$ Donatsu, највлијателното трап-дуо од Битола, кое со провокативен стил и израз ја освои младата публика и ги помести границите помеѓу музиката, уметноста, рапот и комедијата. Ова е бесплатна вечер за публиката.

Втората фестивалска вечер на 17 октомври ќе се одржи на малата сцена на МНТ и ќе биде посветена на електронската музика во интердисциплинарен контекст. Скопскиот продуцент и диџеј L.O.V.D (Љубен Дерибан) ќе ја претстави својата авторска електронска продукција во живо.

Музичко-поетскиот проектот Поетроника (Оливер Митковски и Андреја Салпе) ќе се претстави со досега неизведени композиции на македонска поезија во современи електронски звучни текстури. Blackstate (Филип Тасевски) ќе понуди моќен настап, комбинирајќи експериментална електроника, синт поп, алт-поп и хардкор панк, отворајќи теми за емоционалната комплексност на денешницата.

ПМГ Рекордингс Фестивал го основа Мирко Попов во 2008 година. Со 13 реализирани изданија, фестивалот беше значајна платформа на новата и квалитетна музичка продукција. Подготовките за 14-то издание започнаа во 2023 година со Попов, а годинашнава реализација е резултат на работата на тимот на фестивалот, заедно со музичарите и партнерите, со програма посветена на неговиот роденден.

Со три вечери исполнети со разновидни изведувачи, музички експерименти и културни соработки, ПМГ Рекордингс Фестивал 14 останува платформа за современиот музички израз и автентичниот глас на генерациите што создаваат нова историја на македонската и регионалната сцена.

Фестивалот се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам на Р.С Македонија. Партнери на фестивалот се „Јавна соба“ и Македонски народен театар. Фестивалот е во организација на здружението за развој на музика и култура „Крај Вардарот“. Билети за програмата на 17 октомври се достапни на веб страната  на МНТ, линк: https://mnt.mk/online/index.php?id=647, додека за програмата на 18 октомври се достапни на Друга страна, линк https://bileti.drugastrana.mk/index.php?id=592.

 

 

To top