Културен и информативен центар – Битола ја најави четвртата по ред музичка магија на фестивалот „Ех таа серенада“, кој ќе се одржи како дел од традиционалниот „БитФест“.
Со цел да се зачува и унапреди староградската музика, организаторите распишаа јавен конкурс отворен до 1 април. Композиторите и текстописците имаат можност да предложат нови 20 композиции кои ќе ја носат препознатливата атмосфера на битолската серенада, но и да внесат свежи идеи и современи музички интерпретации.
„Варијациите и иновациите се добредојдени, сè со цел да го збогатиме и освежиме овој музички жанр. Очекуваме пријавите во форма на демо снимка во mp3 формат, текст или нотен запис со акорди. Специјална стручна комисија ќе ги селектира најдобрите композиции“, велат од КИЦ – Битола.
Авторите на избраните дела ќе добијат паричен надомест од 10.000 денари за текст, исто толку за музика и аранжман, додека изведувачите ќе бидат наградени со 5.000 денари. Фестивалот ќе кулминира со гала концерт во Офицерскиот дом, каде што публиката ќе има можност да ужива во раскошот на живата изведба со професионален оркестар и врвни музичари.
„Ех таа серенада“ повторно ќе ја освои Битола со својата безвременска музичка убавина.