И по 17 години од тоа кобно утро, од најтажниот ден за Македонија, регионот, целиот Балкан, ниту една емоција не се промени, откако физички го нема, зашто толку многу е присутен во нашите мисли и срца – единствениот Тоше Проески кој на денешен ден во 2007 година замина во вечноста!
Минатата вечер пред 17 години го гледавме за последен пат во тогашната емисија „Вртелешка“ чиј автор и водител беше акатерката Весна Бејби Петрушевска, само 6 часа пред да замине така млад и полн со живот! Идолот на сите генерации! Младите го гледаа како херој, врсниците најдоа идол во него, а постарите се гордееја со Тоше како со свое дете. Колку и да се пишува е малку. Жално е што го нема, ама сме богати што го имавме, токму ние!
Неговата пријателка, актерката Весна Петрушевска го споменува секогаш, не само на деновите кога е роден и починал, иако тогаш тагата е посилна, поголема, подлабока… Таа како и секогаш во изминативе години и овој 16-ти октомври се буди со болка во градите по Тоше, а нејзините емотивни статуси знаат да наежат, како овој:
„Јас се сеќавам на 15-ти октомври, на оној другиот ден беше вторник и не се сеќавам многу… зошто и би се потсетила? Но, затоа таа понеделничка вечер ме гребе …со години! Се’ ми е кристално јасно и неговиот чекор, неговата силуета како се прикрадува за да ме изненади , широката насмевка и задршката на сопственото разочарување. Ја паметам онаа силна прегратка. Кога некој ќе ми каже дека е роден 1981 година, таа година емотивно ме врзува само за него. Помислувам јас многу често како ќе пееше денес, на што ќе се смееше, за што ќе беше нервозен… Имам многу сеќавања со него, велат само тогаш знаеме колку сме биле, колку сме живееле и зошто да го браниме нашиот живот. Колку е се бесмислено кога таков лик ќе исчезне преку ноќ… Вечерта е тука, утрото го нема… Беше ладен и дождлив октомври… Мене барем ми беше така… Вечерва исто… Те сакам бескрајно и те чувам повеќе од што мислиш бејби“ – сподели Весна во едно сеќавање годиниве наназад, на социјалните мрежи на денот на неговот заминување.
И балканската поп-фолк дива Јелена Карлеуша која оваа сабота, 19 октомври 2024 год. во СЦ „Јане Сандански“ ќе го одржи својот голем концерт со кој ќе ја започне турнејата „Алфа и Омега“, при својот неодамнешен престој на ПРЕСС конференцијата во Скопје, на средбата со македонските новинари се потсети на Тоше и нивните незаборавни моменти на заедничко дружење во Атина, при снимањето на нејзиниот албум „Само за твоите очи“ и неговиот „Ако ме погледнеш в очи“.
„Тоше и јас бевме неразделни. Тој имаше 18 години, а јас 2 -3 години плус. Двајцата снимавме албум во Атина и тоа траеше со месеци… кај познатиот грчки композитор Фивос. Секој ден освен недела заедно одевме во студиото. Само јас имав возачка дозвола, така да секој ден изгледаше исто: Ќе станам, ќе појадувам, ќе го соберам Тоше и со Опел право во Атина. Патот траеше околу еден час, а тој цело време пееше во автомобилот. И натаму и назад. Секој ден. Пееше без престан и во студио, во паузите за ручек, кога ќе одеше во тоалет, пееше и пееше. Дури и композиторот Фивос се пошегува дека кога ќе замине од студиото после нас, нема желба да слушне ниту еден тон на музика. Тоше пееше без престан“.
„На мојот албум ‘Само за твоите очи’ ги пееше придружните вокали, а се трудев да помогнам во создавање на неговиот албум, па така често ја корегирав неговата дикција во песните на српските песни ‘Мени хвала ни једном, што сада чутим, тихо шапчем, немо патим бол да скратим’. Тоа беше првпат да не снима на македонски.
Хиперкативен, полн со сила, полн со желби…ако морам да го опишам со еден збор тогаш тоа би било среќа. Беше среќен. Онака како некој може да биде среќен на 18 години. Никогаш не слушнав такво пеење и таков талент. Таква боја, техника, боја, емоција. Верувајте ми кога ви велам, тој беше вонземјанска приказна. Премногу совршена за ова планета“ – ги сподели спомените Јелена и продолжи:
„Години подоцна, едно утро ме разбуди ѕвонењето на телефонот, тоа беше Марина Туцаковиќ која ме праша дали знам што се случило. Таа со нас помина доста време во Атина и знаеше дека прва треба да ми соопшти. Знаете, јас не бев на погреб. Немав сила да отидам, а и не можев да ги гледам оние естрадни личности кои заради поени плачеа над неговиот ковчег, а не го ни познаваа….знаете се кој таму правеше драма… Луѓето кои најдобро го познаваа и кои најмногу го сакаа, освен неговото семејство, немаа сила да одат на погребот. Инаку, Тоше е роден на ист ден како и мојата мајка Дивна, 25 јануари. Ете, некои работи не ви ги кажав, нека останат тајна“ – го раскажа Карлеуша она што и претходно го имаше споделено во една прилика.
Фото: Архива/ Инстаграм/vesnapetrushevska/karleusastar