Мегафон

Момците од Македонија завршија фантастична работа: Македонски филмски автори и работници нa филмот „Мајка вештерка“ на светска премиера на фестивалот во Ротердам

Момците од Македонија завршија фантастична работа: Македонски филмски автори и работници нa филмот „Мајка вештерка“ на светска премиера на фестивалот во Ротердам

Филмот „Motherwitch“/ „Мајка вештерка“ во режија на Минос Папас, копродукција меѓу Кипар, Северна Македонија и САД ( Константинос Никифору, Минос Папас, Дарко Попов/ Caretta Films, Cyprian Films New York, Focus Pocus Films) беше прикажан во официјалната селекција на годинешното издание на Меѓународниот филмски фестивал во Ротердам. По проекцијата која се одржа во реномираната сала „Синерама 1“ во центарот на Ротердам, екипата на филмот беше поздравена со долг аплауз и бројни прашања од гледачите за режисерот и актерите.

За режисерот Минос Папас е голема чест што филмот имаше светска премиера на Меѓународниот филмски фестивал во Ротердам.

-За мене е ова многу важно не само поради тоа што ова е неверојатен фестивал кој има мошне едуцирана публика, туку и затоа што мојот татко во 1975 година имал проекција на својот втор филм токму на овој фестивал. Да бидам и јас со свој филм во Ротердам по 51 година за мене е неверојатно, дел од историјата на моето семејство, рече Папас и посочи дека е многу важно што публиката уживаше во филмот кој ќе биде прикажан и на други фестивали.

Смета дека е денеска е голем предизвик да се обезбедат финансиски средства за снимање филм бидејќи е тешко да се продаде филм, особено оние од неанглиско јазично подрачје.
-Во поглед на финансирањето многу сум благодарен на Министерството за култура на Кипар и на Агенцијата за филм на Македонија за поддршката, но секако и на приватните инвеститори од Кипар и САД кои проценија дека филмот вреди да се снима и дадоа поддршка, рече Папас.
Продуцентот Дарко Попов од „Фокус Покус Филмс“ посочи дека „Motherwitch“/ „Мајка вештерка“ е втора соработка помеѓу Македонија и Кипар, иако сега како земја копродуцент се вклучени и САД.

-Првата соработка беше филмот „Снежана на крајот умира“ на Кристијан Ристески. Јас и продуцентот Константинос Никифору доаѓаме од мали земји со слабо развиени кинематографии, но со заеднички сили успеваме да создадеме филмски дела кои се препознатливи од страна на светскиот филмски естаблишмент и преку тоа да ги презентираме културите на нашите земји пред огромен аудиториум. Би сакал да се заблагодарам на Агенцијата за филм на Македонија за поддршката и да ја истакнам важноста и одговорноста која тие ја имаат: да препознаат квалитет во проектите кои ги финансираат уште врз база на сценарио. Таквата позиција секако носи огромен ризик, но и придобивки за развојот на националната култура и уметност, рече Попов.

За кипарскиот продуцент Константинос Никифору, „Motherwitch“/ „Мајка вештерка“ ја отелотворува посветеноста на „Карета Филмс“ кон културно специфична, авторски ориентирана европска кинематографија со меѓународен дострел.

-Вкоренет во кипарскиот фолклор, филмот го користи митот како емотивен јазик за тага и трансформација. Како копродукција предводена од Кипар, тој го одразува нашето верување во соработка што го зачувува уметничкиот интегритет, а воедно и се обраќа на публика надвор од границите, смета Никифору.
Дел од филмската екипа е Горан Игњатовски, кој заедно со Филип Петровски беа задолжени за извонредната маска и шминка во филмот.

– Имавме многу единствено сценарио, многу поинакво од она што низ годините сум го сретнал. Засновано е на фолклорни легенди. За ликот на Елени, која ги губи децата, моја задача беше да ја насликам болката и страдањето кои таа ја носи во себе. Во филмот се појавува и митскиот лик Ламја, неа ја претставивме со црни очи од кои се леат црни солзи. Ова го постигнавме со употреба на практични, а не компјутерски ефекти. Режисерот инсистираше маските на митските суштества Каликанѕари да наликуваат на деца, но да имаат животински карактеристики. Бидејќи станува збор за т.н. караконџули, за нив креиравме маски со карактеристики на свиња, стаорец, кипарска коза, лилјак и други животни. Дизајниравме и изработивме простетски вилици, но и канџи, рогови, пијавици… Беше неверојатен процес, работевме со извонредни актери, мошне отворени за секакви трансформации кои ги вклопија во актерската игра. Мислам дека сите заедно направивме еден извонреден баланс, рече Игњатовски.

Маргарита Захариу ја толкува улогата на Елени, сликарка која во несреќа ги губи трите деца. Проколната од соселаните таа се повлекува, ги пали своите слики и детските играчки и започнува забранет ритуал за кој верува дека може да ги врати нејзините деца.

-Емоциите се секогаш измешани кога на големото платно ја гледате сопствената работа. Ми се допадна молкот во салата по проекцијата бидејќи сметам дека беа обземени од приказната. Не бев сигурна како публиката ќе реагира на караконџулите, а бидејќи уметноста ги надминува културите и јазиците, почувствував дека ги допре. Да се гледате себеси на големото платно е тешко, бидејќи не излегува секогаш онака како што сте планирале и замислувале. Актерите најчесто се строги кон себе и секогаш мислат дека тоа што го изработиле би можело да се направи поинаку и подобро. Но, сега го гледав филмот како обичен гледач и го сфатив од перспектива на режисерот, рече Захариу по премиерата посочувајќи дека е важно оваа универзална тема за тагата на мајката која ги губи децата да ја видат што повеќе луѓе.
Кинематограферот Џек Мекдоналд рече дека работата на овој филм за него била задоволство и еден вид авантура.

-Имавме многу креативни предизвици, но имав одличен тим од Македонија: Иван Ѓоршев како гафер и Јагор Стојковиќ како бест бој во сектор светло и Дејан Богоевски и Андреј Неделковски како прв и втор асистент на камера. Најтешко беше снимањето на ноќните екстериерни сцени, но момците од Македонија завршија навистина фантастична работа. Ефектот со црвените очи кај децата, налик на оној во „Blade Runner“, го постигнавме без употреба на визуели ефекти – со помош на огледало во кое светлината ја насочивме под агол од 90 степени. Ни беа потребни повеќе обиди, но на крајот успеавме, раскажа Мекдоналд.

Во филмот игра и Милтос Јеролему, британски актер со кипарско потекло, познат по улогата на Сирио Форел во „Игра на тронови“.

-Многу сум горд на овој филм. Минос ми ја раскажа приказната пред десетина години, а пред околу две години да ми јави дека конечно ќе снимаме. Иако живеам во Британија, моите родители потекнуваат од Кипар и за мене беше многу важно да бидам дел од овој филм. Сакам Кипар да го видат луѓето на сосема поинаков начин. Иако е мошне напнат, ова не е хорор филм. Тоа е филм за тоа во што веруваме и како вербата не прави да правиме разни нешта, рече Јеролему.
„Motherwitch“/ „Мајка вештерка“ на македонската публика ќе и биде достапен во втората половина на 2026. Планирано е премиерно да биде прикажан на некој од поголемите фестивали во Македонија, а веднаш потоа ќе биде достапен и во кино салите. На ВОД платформите би бил достапен кон крајот на 2026 година.

фото:Продукција „Фокус Покус Филмс“/„Карета Филмс“

To top