Мегафон спој на уметноста и образованието

Моден перформанс „Креативен ден 2025“ во Битола

Моден перформанс „Креативен ден 2025“ во Битола

Во Битолскиот народен театар на 28 мај, среда, ќе се одржи модниот перформанс „Креативен ден 2025“. Настанот ќе се одржи по четврти пат  во Битола  во органзиација на „Божиловиќ продукција“. Се работи за спој на уметноста и образованието со силна поддршка кон  учениците.

На настанот  ќе учествуваат седум средни училишта, девет градови и 15 независни модни дизајнери.

„Креативен ден“ е мост помеѓу образованието и бизнис секторот, а  целта е подобрување на имиџот и враќање на довербата на модно-текстилната струка помеѓу младиот креативен потенцијал.

На овој уникатен настан “Креативен ден“ учествуваат сите средни стручни училишта од областа на модата и текстилот, кои ќе ги претстават своите најкреативни проекти, инспирации и таленти.

„Креативен Ден“ е платформа која на младите модни таленти им овозможува да го покажат својот потенцијал, креативност и труд пред јавноста и претставниците на индустријата. Ова е настан кој не само што ги афирмира учениците, туку и ги поврзува со бизнис секторот, кој е важен партнер за нивната иднина вели за Битолањуз, Весна Божиловиќ од продукција “Божиловиќ“, организатор на настанот.

Секоја година се изработуваат креации  на претходно зададена тема од професорките на СОУ “Таки Даскало“ од Битола, а оваа година темата е Ориент.  Средношколците работат во тим составен од дизајнер-ментор и модел (Дама, успешна жена, која ја презентира креацијата).

Ученикот има можност да работи со професионален дизајнер,кој го води низ целиот процес на изработка, а Дамата со носењето на креацијата, јавно му го признава стекнатото знаење и вештини на ученикот.

Целиот концепт има висока општествено одговорна и хумана карактерна црта, затоа што, истата таа креација Дамата си ја купува, а средствата како донација се наменети за подобрување на практичната работа во училишните кабинети.

Од скопските училишта на овој настан годинава со своја креација ќе се престави и СУГС “Кочо Рацин“. На дизјанот работеа професорката по стручни предмети Емилија Савеска и ученикот Семра Мурат.

Сите тимови работат на модели кои се инспирирани од ориентот- богатото културно наследство, декоративните елементи , традиционалните ткаени и колоритни мотиви од истокот. Покрај организацијата на модната ревија ќе има и средби и разговори околу дизајнирањето на облека со познати дизајнери од Македонија.

Со ова младите се поттикнуваат на претприемништво, на стручно образование, коешто брзо ги носи до финансиско и кариерно осамостојување.

ВИП гости на модниот настан ќе бидат: Елена Лука, Никола Ефтимов, Ивана Кнез, Татјана Алексиќ и претставници од Текстилен Кластер.

To top