Миа Костова, ТВ водителка „во хибернација“ и можеби највлијателната инфлуенсерка во Македонија, покрај своите секојдневни Инстаграм објави од кои егзистенцијата и зависи, неретко знае да го употреби и својот „остар азик“ јавно обзнанувајќи ги сите неправди што секојдневно ни се случуваат и не опкружуваат… И неа и нам!
Но, затоа пак, русокосата и неретко знае да сподели сегменти од некои убави моменти… Оние кои тукушто и се случиле или фрагменти од сеќавања на некои дамнешни ремиња. Е сега, некој ќе рече, ама Миа не е така стара и возрасна… И не е, ниту така изгледа, но кога ќе погледнете малку наназад, ќе сфатите дека времето бргу летнало.
Токму во едни такви „дамнешни времиња“ со компаративна, колективна фотографија Миа Костова и себе си и нам ни ја освежи „подзаспаната меморија“, враќајќи не назад во времето за „четврт век“!
Имено, русокосата инфлуенсерка сподели фотографија од своите водителски почетоци.
Оние малку повозрасните, а се’ уште млади, сигурно се сеќаваат на ТВ проектот „99 action“! Продуцирана од „Зум Видеолушн“, емисијата беше претходник на подоцнежните ваков тип програми, како „Ексклузив“ на А1 ТВ или „Бекстејџ“ кој се’ уште оди, сега на „ТВ Телма“.
„99 action“ беше куса забавно-естрадна ТВ форма која беше вистинско освежување во македонскиот ТВ етер кон крајот на минатиот и почетокот на овој милениум од која произлегоа дузина познати ликови.
Фотографијата која Миа ја сподели датира од пред 25 години на која се тројцата водители заедно… Тогаш мошне млади и убави. Денес, четврт век подоцна… само убави!
И не само тоа… Миа најави и ново враќање… во иднината!
Пред 25 години – вака, за 25 години – следното стори… Па да сме живи и здрави сите и да дочекаме да ги видиме тогаш. И ние нив и тие себе си!
За потсетување, главниот двигател на проектот беше Мартин Трпчевски, на помлада популација познат по ангажманот во „Фчерашни вести“ и „Радио Лидер“, своевремено собра талентирана екипа која тогаш ги правеше првите чекори, но подоцна станаа секој во својот еснаф, познат и признат професионалец.
Дел од ударната женска водителска двојка беше тогаш младата тинејџерка Миа Костова заедно со Билјана Максимовска. Миа подоцна со Миро Кацаров го водеше обновениот „Бекстејџ“, а сега е една од најпознатите и највлијателни македонски инфлуенсерки…
Билјана пак, последен пат ја гледавме како првата водителка на кулинарското ТВ шоу „Брза кујна“, тогаш со готвачите Марк и Никола.
Повторно тројцата заедно на професионален план никогаш повеќе не се собраа. Мартин и Миа до душа имаа блиц појавување во ретро проектот „99 Megastars“ кон крајот на 2023 година и тоа беше се’ од некаква заедничка соработка… Барем засега!
Во емисиите кои ги подготвуваа и водеа во „99 action“ се појавија грст имиња кои подоцна ќе имаат видна улога во македонската музика, ТВ водителство, спорт, мода, култура, естрада… Колку за потсетување, погледнете една епизода од „99 action“, во која белким ќе ги препознаете ликовите од кои и денес многумина палат и жарат на домашната естрада.