Викендов, поточно во саботата , 1-ви јуни, на отворената летна сцена во „Домот на млади“ во Штип, музичката историја се повтори. Или поточно сега веќе култната македонска група „Меморија“ испиша нова историја. И покрај финалето од „Лигата на шампиони“ во фудбал, бројните матурски вечери, времето на свадби, викенд туризмот… публиката покажа колку умее да ги сака, цени и почитува домашните вредности кога се квалитетни и вистински, а бендот колку е искрен кон неа, но и моќен и силен да урива рекорди и покрај сета конкурентска понуда таа сабота.
Имено, 33 години подоцна на истото место одново немаше каде “игла да падне”… 1700 и кусур луѓе, кренати раце, распеани грла, многу емоции, аплаузи и стоечки овации… Концерт за паметење и ново евоцирање спомени. Концерт на кој присуствуваа две, па и три генерации штипјани, но и оние кои дојдоа да ја видат и слушнат новата постава на бендот од околните градови, некои дури и од Скопје. Поединци од нив биле и на оној првиот концерт во 1991 година, кога тогаш младиот бенд со само еден албум од девет песни кои ги свиреше и по неколку пати, го урна рекордот на посетеност на култниот „Дом на млади“. Сега многумина од нив со ниивните деца, а некои и со нивните внуци на истотот место… На тричасовен рок ен рол оган и грст емоции под ѕвездите.
„Меморија“ концертот под отворено небо го отвори онака као што го најави: Со рефрен медли од најубавите македонски патриотски песни насловен „Македонски бисери“… Од „Едно име имаме“ и „За многу години Македонци“, преку „Заветна“, па се’ до „Налеј, налеј“… Со песна во еден глас од публиката, кренати раце и развиорени македонски знамиња.
Следуваа познатите теми како „Илјада песни“, „Одам засекогаш“, „Бејби-бејби“… па се’ до култната „Нена“ која своевремено му ги отвори вратите на популарноста на бендот.
Лидерот на групата Петар Георгиевски Камиказа ја повика публиката да пријде поблиску до сцената, па откако првите редови речиси се залепија за бината, „Меморија“ традицијата да обработува по некој познат македонска рок ен рол класик ја продолжи со премиерната изведба на темата „Јано“ на легендарните „Триангл“, а потоа и веќе порано свирената „Високи штикли…“ на „Конкорд“, во кои со своите соло делници бриљира новиот гитарист на групата Рубин Димкоски.
Разиграната атмосфера ја смирија баладите, но е и распенате грла на кои им се придодадоа светилките од мобилните телефони како замена за запалките и правењето на таканареченото „ѕвездено небо“.
А со него во еден глас и изведбите на најновата „За тебе“, која членовите и ја посветија на неодамна прерано починатата сопруга на нивниот пејач Апостол Икономов – Поце, како и „Зошто Боже“ и секако единствената „Оган под ѕвездите“…
На неа како изненадување на сцената се појавува гитарското соло да го отсвири штипјанецот Ивица Јорданов, еден од најдобрите македонски гитарски мајстори, член на неколку бендови, меѓу кои најпознати „Морал“.
Кога сме веќе кај баладите и штипјаните, нова експлозија од воодушевувања предизвика појавата на уште едн познат македонски пејач, макфестовскиот херој Трајче Манев. Неговите добро познати макфестовски балади кои станаа евергрини кои на сцената ги отпеа заедно со Ристо Самарџиев, со раширени раце ги примија неговиот роден Штип и штипјани!
Ристо Самарџиев пак како вокал од последните фази на „Меморија“ во акустичен манир со групата ја отпеа „Нашите слики“, неговата макфестовска „Таму кај што си“, за потоа и новите и некогашните матуранти да „збудалат“ на гимназиската „Снежо, Снежана“.
Сепак, кулминацијата се случи со првите удари на тапанот и звуците на трубите на блех оркестарот и што друго ако не мегапопуларната „Дирлада“. Од сцената „Меморија“ и дувачите испраќаат ерупција од енергија, во публиката се случува експлозија од страсно пеење, танцување и емоции… Кулминација на целото расположение кое од прв до последен такт го следеше тричасовниот штипски концертен спектакл на „Меморија“ под отворено небо, кој заврши со неколку биса и одново испеани неколкуте најголеми хитови.
„Меморија“ на штипскиот концерт и овој пат понуди енергија во вид на „оган под ѕвездите“, публиката и возврати со ерупција од позитивни вибрации, љубов, верност, сплотеност и со песните и со бендот, чувство на припадност…
Или како што лидерот Петар Георгиевски Камиказа и самиот рече на крајот: „Се надевам дека после ова и нас и нашите македонски колеги ќе не гледате многу почесто на сцената за разлика од регионалните ѕвезди“!
Фото: Приватна архива/Владимир Арсовски – Фејсбук/Petar Georgievski – Kamikaza