Меѓународниот детски фолклорен фестивал „Оро без граници“ ќе се одржи денеска (петок, 19 септември, 2025) на „Школка“ во скопскиот Градски парк од 19 часот. Фестивалот како и секоја година ќе започне со македонски ора што ќе ги играат членовите на фолклорната секција на ДКЦ „Карпош“.
„Детскиот културен центар ‘Карпош’ со својот фолклорен ансамбл е домаќин на фестивалот. Еден од главните и најсимболични моменти на фестивалот е дефилето на учесниците, кое тргнува од Центарот во 18:30 часот, при што сите учесници формираат големо оро. Фестивалот придонесува за зачувување и презентирање на традицијата и културата и за промовирање на знаменитостите на Скопје“, вели директорката на фестивалот Билјана Лалчевска-Серафимовска.







