Радио Милева „Џејмс Бонд“ од Али експрес?

Како 007 стана „нула, нула ич“: Боки 13 „му го смести“ на Лазаров или овие од УЈП не разликуваат наградна игра од giveaway? (ФОТО)

Како 007 стана „нула, нула ич“:  Боки 13 „му го смести“ на Лазаров или овие од УЈП не разликуваат наградна игра од  giveaway? (ФОТО)

На Стефан Лазаров таман помисливме му тргна работата, кога ете ти нова неволја. По она што го доживуваше по гостувањето на Латас, кога ги обвинија и речиси за малку ќе ги осудеа едниот за „наводно силување во обид пред 4 децении“, другиот за „поддршка на ‘силувачот’ и исмевање на жртвите“, сега популарниот јутјубер влета во нова неволја.

До душа, велат очекувано, зашто уште кога влета во шема со Боки 13-ка многумина веднаш прокоментираа дека ќе биде нова колатерална штета на „осуденикот на привремена слобода“, иако амбициозниот проект со уште поамбициозно име (за кое при тоа ако некому му текне да ги пријави дополнително можат да имаат нови неволји заради „копирајт“ т.е. авторските права околу името), беше најавуван на големи ѕвона со големи подароци. Онакви какви што големите казина или регистрирани приредувачи на игри на среќа доделуваат како главна премија! Зашто седум автомобили и стан во Скопје не е воопшто наивен награден фонд, осоебено не за еден „гивавеј“!

Настрана што едниот од ортаците е само „фиктивно слободен човек“, кој е на слобода заради влошената здравствена состојба, како што му пишува во здравствената документација заради која е надвор, а не „зад решетки“, а тој со така „нарушено здравје  ја ора Македонија“со  шоу програми по ноќните клубови и дели скапи награди или подароци, како што ги  нарекуваат и прикажуваат.

И кога јавноста на која и бодеш очи изиритирана од севкупниот „театар на апсурдот“ ќе изреагира, реагираат и институциите на системот, па работата станува алармантна. Поддржувачите што од неукост што од лични симпатии, а поединци и од личен интерес реакцијата на системот ја „нарекуваат хајка на хиени“, додека останатите кој како… За едни е: „Фала Богу државата навреме да реагира“, за други: „Знаев јас…“, за трети: „Што мислеше тој, може што сака да прави“, а за многумина: „Греота овој Лазаров, го прелажале…“!

И вака гледано, сите заедно како да се во право. Зашто државата преку УЈП има право да реагира на нешто, за што има основано сомневање дека е во најмала рака „финансиски сомнително“.  Како што не е баш логично „тешко загрозеното здравје“ на еден од приредувачите на „007 спектаклот“  да е такво кога е „затворската казна“ во прашање, а поинакво кога треба да се организира и реализира шоу во кое на настапи по ноќнини клубови низ разни градови се делат коли и станови?!

И конечно, дали Лазаров знаел или не во што влегува, дали бил свесен на што се нафаќа и со кого, кога влегол во игра со Боки 13-ка, е негова работа? Полнолетен е, возрасен и свесен… А дали е лековерен, неискусен, полакомен за брза добивка… се само претпоставки кои биле точни или не сеедно, но нема многу да му помогнат, ако на  „Џејмс Бонд играта“ и најдат основа за незаконска работа, проневера, измама… што ли веќе?!

Уште при првиот упад на инспекторите за проверка на легалноста на проектот, Боки 13  веднаш себе си се амнестираше, дека е под стрес, со влошена здравствена состојба и затоа се повелкува „како гостин и промотивно лице од забавниот инстаграм формат Гивавеј, јасно потенцирајќи дека истиот е во организација на неговиот драг пријател  Лазаров“!

Со други зборови, излегува дека тој е само еден вид заштитно лице, а целиот товар му го префрла на ортакот како организатор, а со тоа се разбира и комплетната одговорност. По што просудете сами дали тоа  Боки 13 онака елегантно „му го сместил“ на Лазаров или овие од УЈП не разликуваат наградна игра од giveaway?

Што и да е, по ова „007 стана нула нула ич“, зашто по сето ова како да мириса дека полека „пука тиквата“ меѓу „ортаците“, па Боки 13 најавеното понеделничко гостување кај Лазаров во кое требаше се’ детално да објасни, „од објективни причини“ го откажа, оставајќи го јутјуберот сам на ветрометина!

Лазаров оставен да се бори со ситуацијата најави дека „шоуто сепак мора да продолжи“, само во друга форма – онлајн!? Друга работа е  дали ќе може, смее и мора?

Но, дури и да е така, на големи ѕвона најавуваниот „007 проект“ сега излегува дека е „Џејмс Бонд од Али Експрес“? Ваше е да процените дали тоа зависи од фактите или од тоа  „дали верувате во се’ што ќе прочитате“? А по се’ изгледа најмногу и во се’ што ќе видите и слушнете како прикажано и понудено на Јутјуб, Инстаграм и останатите социјални мрежи и Интернет канали?! “Од разбирливи причини“, секако!

Фото: Инстаграм/boki13official/_lazarovv

 

 

 

 

 

 

 

 

 

To top