Откако пред 16 години ја раздвижија музичката сцена со нивната „Слаба точка“, Јован Јованов и Елвир Мекиќ, снимија нов дует, музичката тема насловена „Адреналин“.
Песната е со брз ритам и заразен звук, една од оние кои влегуваат в уво и освојуваат уште на прво слушање.

„Заедничка беше идејата да снимиме дует после толку време. Песната се создаде на почетокот на оваа година. Како автори се јавуваме ние двајцата, Христијан Настески и Пајак и брат ми Иван Јованов – Ивајо. Првиот план беше таа да се промовира пред лето, но поради некои други околности ја оставивме за наесен“ – изјави Јован.

„Среќен сум и возбуден што после толку време имаме заеднички проект, што пуштивме нешто што личи на нас од минатото, а сепак со нов и модерен призвук. Со нетрпение ги чекам реакциите и се надевам дека песната ќе ѝ се допадне на публиката“, додава Елвир.

Песната беше промовирана заедно со музички спот, кој е снимен во Штип, а на кој работеше екипата на Урбан рекордс.
Како звучи и изгледа кога Јован и Елвир ќе запеат качувајќи го и вашиот „Адреналин“ слушнете и погледнете во продолжение од музичкиот видеофилм…







