Мегафон концертна размена на емоции

Јаков Јозиновиќ создаде хемија каква оддамна не е видена: Чиста безрезервна љубов, близина, припадност, идентификација со својата генерација…

Јаков Јозиновиќ создаде хемија каква оддамна не е видена: Чиста безрезервна љубов, близина, припадност, идентификација со својата генерација…

Вчеравечер, 9-ти април 2026 година, во до последно место преполната арена „Јане Сандански“, се случи  концерт кој долго ќе се памети. Концертот на младата новоблесната регионална ѕвезда Јаков Јозиновиќ како своевиден феномен, но многу повеќе како чиста емоција, еруптивна енергија, искрена младост, неизмерна љубов… И сето тоа во вид на беспрекорна размена на обете страни. Од оној кој беше на сцената, до оние кои беа во публиката.

Глетката уште со првите тактови на музиката го даде одговорот  на прашањето за кое многумина се прашуваа како едно 20-годишно момче со едвај две авторски песни ќе ја држи публиката на нозе, атмосферата на сцената повеќе од два часа?!  Со својата прва авторска „Поље ружа“, Јаков го отвори концертот и веднаш ја освои публиката, која го следеше секој негов потег, секое движење, изговорен збор, отпеан рефрен… како верна армија својот музички командант од почеток до крај.

А то таа вечер беше многу повеќе од само обичен пејач, и многу помалку од умислена новофабрикувана ѕвезда, пееше, се смееш, разговараше со своите фанови, им делеше шишенца вода, слезе меѓу нив среде метежот во фан питот на партерот и оттаму пееше додека тие го гушкаа и бакнуваа…

Едноставно Јаков беше што всушност и е – еден од нив!  И им го подари она што по што младите накмногу копнеат… Чиста безрезервна љубов, близина, припадност, идентификација со својата генерација. Хемија, што многу оддамна не е видена и доживеана и што во многу нешта наликува на најблескавите моменти на нашиот ангел Тоше. А тие како да го бараа, како да го препознаа него во младиот Јаков.

Пејачот пак им возврати не само со непосредност туку и со песни кои сакаа да ги слушнат. Покрај останатите и со неколку од нашиот Тоше, меѓу кои  „Боже чувај ја од зло“  ја отпеа на чист македонски јазик.

Како што самиот потоа кажа пред новинарите на ПРЕСС конференцијата по концертот, по завчерашната посета на Крушево, музејот и вечното почивалиште на Тоше, седнал и за неколку часа ги научил зборовите на македонски од песната која претходно ја изведувал на српско-хрватски јазик.

Се редеа познатите регионални хитови од големите музички ѕвезди, од Плави оркестар, Џибони, Мерлин, Оливер, Чола… И секако за крај неговиот прв „кавер успех“ што го прослави, „Оливера“ од Ѓорѓе Балашевиќ. А крајот беше повеќе од емотивен. На бис уште еднаш неговата „Ја волим“ и… Во тишината која следеше по последната песна, Јаков застана. Погледна кон публиката. И заплаче. Онака искрено, детски, од душа и срце… Едноставно младото момче солзите  не можеше ни да ги сопре, ниту да ги сокрие.

 

Подоцна на ПРЕСС-от по концертот објасни дека не му се верувало ова што вечерта го доживеал… Зашто само пред три години бил во Скопје како тотален анонимус, кој никој жив не го познава, а сега илјадници млади пеат заедно со него, со нивниот нов идол.

Но, Јаков Јозиновиќ не само што ја наполни арената. Тој ги наполни и душите и срцата, им ја подари својата младост на обожавателите, кои се сплотија со него. Покажа на дело дека искрената љубов и чесниот пристап се она што и недостасува на естрадата, разбивајќи го митот дека за голем успех „песната е пресудна“.

Не дека не е важно да имаш свои хитови, но Јаков потврди дека публиката се заситува од „полни себе, совршено фабрикувани и спакувани новоиспилени изведувачи“, туку бара нешто што и е многу поблиску, а е природно, вистинско. Скромност, непосредност, искрена емоција… како одговор на тоа што  со години и недостига на регионалната естрадна сценат, полна со кич и лажни вредности, која се’ повеќе наликува на естрадно ријалити.

Новата средба со македонската публика на Јаков Јозиновиќ е веќе договорена, но не во Скопје, туку овој пат во Охрид, на 3-ти август во Античкиот театар. За таа прилика регионалниот музички феномен вети не само една – две негови авторски песни, туку цел албум со нови песни кој веќе се подготвува.

Дотогаш… остануваат сеќавањата на скопскиот настап кој сведочеше дека некои концерти не можат да се раскажат. Можат само да се доживеат и почувствуваат. Некој можеби ќе ги брои присутните, некој заработката, ама неговата искрена публика со сигурност ќе ги брои само емоциите.

 

 

 

To top