Додека Антониа Гиговска го подготвува материјалот за нов албум, а обожавателите го чекаат пуштањето во етерот на нова песна, посилната половина во семејството вредно работи на првото пролетно сонце.
Имено нејзиниот сопруг и колега од бендот Роберт Спасенцовски попознат како Џокер решил да прошири професија. Иако кариерата ја тера песна по песна, и не дека нема леб од музика, ама сепак се фатил за мотика… Или поточно за коса.

Џокер споделил едно кусо клипче на неговите Инстаграм приказни каде расоблечен по црна маичка на прерамки, таканаречена „рамбовка“ покажува тетовирани мускули, ама и завидна вештина и владение за поедини гранки земјоделие.

“Станувам земјоделец… Јас сум талент… Нема леб од музика, мора да се сади кромид…“ – порачува во клипчето пејачот, додека се спрема да ја собере искосената трева што друг ја коси во позадина.

Арно ама, на видеото Џокер не е сам, туку во придружба на неговиот татко, Боби Спасенцоски исто така познат фолк пејач, кој променет во истиот аутфит со синот се фатил за работа, да ја собираат зелената трева, тукушто искосена на росната ливада.

Дали со тревата ќе хранат зајаци или некакви други домашни животни или само росната ливада ја спремаат за обработка и садење некоја земјоделска култура од друг вид, како на пример кромид, пејачите од семејството Спасенцоски не објаснија во детали.
Ама затоа пак тргнаа да му објаснат на Џокер како се коси тревата додека е млада и зелена и се’ уште не пораснала над колена. Инструкторот искусен и вешт со косата, а чиракот… да ти се крене косата. Ама момакот упорен, решен да научи па виде – не виде… упорно е решен да го биде!
Сепак, во тоа дека им е баш преку глава од музика, никој жив не поверува, зашто летото туку што доаѓа, што значи сите опции за музичка тезга се отворени. По Велигден почнуваат и свадбите, а веќе се отворени и летните тераси и локали, па во тоа дека Спасенцовски од естрадни уметници ќе станат земјоделци, не веруваат ни децата мали!
Фото и видео: Инстаграм/jokerdam93




