Една од најслушаните радиостаници во Скопје и неговата околина, Зона М1 Радио, во саботата, 06.12.2025 година го прослави својот 32-ри роденден. Повеќе од три децении постоење е помногу повеќе од успех, особено кога тие се исполнети со музика, забава и препознатлива радиоводителска енергија која со години изгради нераскинлива врска со своите верни слушатели, чиј број од ден на ден се повеќе расте. Од првиот емитуван радиосигнал до денешните модерни звуци и радиофреквенции, Зона М1 радио стана и остана симбол на доверба и блискост со публиката кои во континуитет ги гради повеќе од три децении.

Радио Зона М1 прерасна во медиум кој не само што ја пренесува музиката, туку и го следи пулсот на секојдневието на народот. Преку својот препознатлив програмски концепт, радиото успеа да се вткае во мноштво домови, автомобили и работните простори, носејќи моменти на радост, расположение, спомени и заедништво.
Јубилејот од 32 години е уште една потврда за силата на радиото како медиум што опстојува, се развива и се приспособува на новите времиња, без да ја изгуби својата суштина – да биде интимно и блиско со слушателот. Од Зона М1 Радио порачуваат дека и во наредните години ќе продолжат да ја негуваат истата енергија, да ја следат музичката сцена и да бидат верен сопатник на секој слушател.

Зона М1 Радио медиум што забавува и обединува, радиофреквенција со душа која продолжува да живее во срцата на својата слушателска публика.
Нека им се множат и годините и слушателите и успесите…!







