Промотер

Гастрбајтерска носталгија: Школските другaри повторно се споија, па Слаткар и близнаците од „Некст тајм“ созададоа заедничко музичко дело – “Океани” (ВИДЕО)

Гастрбајтерска носталгија: Школските другaри повторно се споија, па Слаткар и близнаците од „Некст тајм“ созададоа заедничко музичко дело –  “Океани” (ВИДЕО)

Се познаваат повеќе од 30 години, ги делеле школските клупи, заедно пораснаа на улиците во Ново Лисиче и после толку време решија да влезат во студио и да создадат заедничко музичко дело, кое претендира да создаде македонска музичка историја. Марко Маринковиќ или познат како Слаткар и близнаците од дуото Некст тајм викендов ја објавија нивната прва музичка соработка со наслов “Океани”.

За помалку од 20 часа песната е една од најслушаните во овој момент во Македонија според статистиката на музичката платформа Јутјуб. Позади овој проект стојат многу луѓе, но најзаслужните за ова да звучи така како што звучи се Слаткар и Лазар Цветкоски кои се потпишуваат како автори на музиката, текстот е дело на Стефан, Лазар и Слаткар, а аранжманот пак е заслуга на Лазар.

„Песната ја работевме година ипол, две. Излезе една фина и емотивна песна. Со близнаците се познаваме цели 31, 32 години и дури сега се споивме. Дури сега најдовме начин како да ги споиме нашите музики. Чудно е, тешко се спојуваат, ама успеавме сите заедно и нормално со Лаки кој е мајстор” – изјави  Слаткар.

Ниту момците од Некст Тајм не го криеја задоволството од крајниот резултат: “Мислиме дека создадовме одлично музичко дело, песна што веруваме дека ќе остане. Тоа е за нас најважно, да имаме што да оставиме на генерациите кои доаѓаат” – куси беа познатите близнаци.

За “Океани” се сними и видеоспот кој го режираше токму Мартин од Некст Тајм, додека Кристијан Теодоров беше задолжен за камерата. Спотот е снимен на неколку локации, а главни актери се тројцата другари од Ново Лисиче…

Како сето тоа изгледа и звучи  нивната „гастрбајтерска носталгија“ во заедничката тема „Океани“ проследете во продолжение:

To top