Мегафон во светот на емоцијата и звукот

Француски џез во срцето на Скопје: Концерт на „Националниот џез оркестар“ и француските уметници Пјер Миле (труба) и Бети Жарден (вокал)

Француски џез во срцето на Скопје: Концерт на „Националниот џез оркестар“ и француските уметници Пјер Миле (труба) и Бети Жарден (вокал)

На 25 април 2025 година, во прекрасниот амбиент на салата на Македонската филхармонија во Скопје, со почеток од 20 часот, љубителите на џезот ќе имаат ретка можност да присуствуваат на концерт што ветува незаборавна музичка вечер. Националниот џез оркестар, под водство на харизматичниот маестро Џијан Емин, ќе ги отвори вратите кон светот на емоцијата и звукот, пречекувајќи ги на сцената исклучителните француски уметници: Пјер Миле (труба) и Бети Жарден (вокал).

Пјер Миле е композитор и инструменталист со богата биографија, познат по својата отвореност кон жанрови што се движат од рок до шансони, па сè до циркуска музика. Неговото творештво е дел од препознатливи состави како Surnatural Orchestra, Renza Bô, AB Sextet, Les Elles, Ana Kap, Blast, Décor-um, и многу други, каде што тој маестрално ја комбинира џез експресијата со авантуристичкиот дух на современата музика.

На другата страна на музичката магија стои гласот на Бети Жарден – пејачка со уникатна музичка приказна. Потекнува од Нормандија, образована во џез теорија на Конзерваториумот во Каен, таа поминала повеќе од десет години во Јужна Индија, каде што ја изучувала богатата традиција на индиската музика. Резултатот е вокален израз кој спојува Исток и Запад, импровизација и структура, сензибилитет и сила. Дел е од Jazz à Montpellier, Ana Kap и Breath & Breath, а критиката ја опишува како глас што мостови гради меѓу култури, преку џезот како универзален јазик.

Концертот ќе претстави биг-бенд аранжмани на оригинални композиции на Миле и Жарден, каде музиката и поезијата се испреплетуваат во истражување на емотивни пејзажи, човечки релации и универзални чувства – од нежна носталгија, преку копнеж за бегство, до надеж, издржливост и длабока интроспекција. Ќе биде вечер за славење на човечката природа во нејзината убавина и сложеност, изразена преку звук што допира до срцето.

Билетите се веќе достапни online и на продажните места на MKTickets. Не ја пропуштајте оваа ретка можност за вистинско музичко доживување!

To top