На 30-ти ноември 2025 година, во свечената сала на Македонската опера и балет во Скопје, ќе се одржи традиционалниот „Фолк Фест Роса“. Почетокот е закажан за 20 часот, а фестивалот и оваа година ветува незаборавни музички моменти.
„Фолк Фест Роса“ е настан со повеќе од две децении традиција. Првиот фестивал беше одржан во 1999 година во Универзална сала – Скопје, и од тогаш, на сцената на Роса настапиле најпознатите имиња на македонската естрада. Меѓу нив ќе ги споменеме: Гоце Арнаудов, Блага Петреска, Миле Кузмановски, Благица Павловска, Виолета Томовска, Атина Апостолова, Ефто Пупиновски, Марјан Коцев, Есма Реџепова, Наум Петрески, Васка Илиева, Смиља Митревска, Татјана Лазаревска, групите „Биоритам“ и „Дрим Тим“, Никола Костадиновски, Јордан Митев и многу други.
Фестивалот е ревијален и без натпреварувачки дел, а секоја година се доделува и специјална награда за животно дело, со која се оддава признание за особен придонес кон македонската музичка сцена.
Годинава, фестивалот ќе понуди нови авторски песни и современи интерпретации на традиционалната македонска музика, комбинирани со прекрасна сценографија и моменти на почит кон уметниците кои ја одржуваат нашата македонска песна жива. Настанот е вистинска прилика за сите генерации да уживаат во спојот на старото и новото во македонската народна музика.







