Радио Милева едно добредојде и едно збогум...

Додека Лазаров ја дели радоста за првото чедо, зет му за сестра, актерот Марко Трајковиќ се откажува од глумата!

Додека Лазаров ја дели радоста за првото чедо, зет му за сестра, актерот Марко Трајковиќ се откажува од глумата!

Додека јутјуберот Стефан Лазаров со семејството ја дели радоста за рожбата на неговото прво чедо – синчето Лука кое сопругата Марта неодамна го донесе на свет, неговиот неофицијален зет  за сестра, актерот Марко Трајковиќ сподели шокантна вест, дека јавно се откажува од глумата давајќи си отказ во Кумановскиот театар!

Имено актерот објави дека ја прекинува својата актерска дејност во Театар Куманово, а причините за ваквиот чекор ги сподели во долго и искрено обраќање до публиката и своите колеги.

По повеќе од една деценија помината на сцената на својот матичен театар, Трајковиќ реши да стави крај. Во емотивната објава тој се навраќа на годините во кои играл во најголем дел од претставите на Театар Куманово, во рамките на НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Куманово, улоги на ликови од Шекспир, па сè до македонски автори.

„Верував дека сум дел од нешто многу поголемо од мене“, пишува актерот, потсетувајќи на својата посветеност кон театарот во кој, како што вели, вложил голем дел од себе.

Но, зад оваа приказна за љубовта кон сцената, според неговото сведоштво, се кријат и години исполнети со разочарувања.

Трајковиќ отворено зборува за состојбите во институцијата и наведува дека низ годините бил сведок на сплетки, лоши услови за работа, партиски поставувања и внатрешни поделби.

Особено тежок период, според него, бил оној што следел по уривањето на зградата на Театар Куманово пред шест години, кога ансамблот бил преселен во мал простор во Центарот за култура.

За актерот, тогаш не била изгубена само зградата.

„Многу повеќе изгубивме како ансамбл од една тврда градба што се викаше Театар Куманово. Некаде по патот се изгубивме и себе како луѓе и актери. Го изгубивме својот глас“, наведува Трајковиќ.

Во своето обраќање тој се осврнува и на односите меѓу колегите, начинот на кој, според него, се носат одлуките и фаворизирањето на одредени луѓе, додека актерите кои, како што вели, се посветени на професијата остануваат настрана.

Еден од највпечатливите моменти од неговата исповед е откритието дека, иако повеќе од десет години професионално настапува како актер, неговото формално работно место во институцијата е „воведувач на публика 2“.

„Земам минимална плата за максимална работа и пожртвуваност за професијата. Работам како актер затоа што САКАМ да сум актер и СУМ актер“, порачува тој.

Во досегашната кариера, Трајковиќ, според сопствените наводи, одиграл околу 60 професионални претстави, од кои најголем дел токму под капата на Театар Куманово.

А потоа дојде моментот кога, како што самиот вели, чашата се прелеала.

Одлуката ја соопштил по последната претстава со Театар Куманово, одиграна во рамките на затворањето на фестивалот „Денови на комедијата“.

Токму по таа претстава, Трајковиќ повторно, како што наведува, бил сведок на неправда во институцијата. За него тоа бил моментот кога решил дека е доста.

„Оваа вечер тоа завршува. Ја изиграв последната претстава под капата на Театар Куманово“, напиша актерот.

Иако неговата одлука, според него, била пречекана со потсмев, Трајковиќ нема дилема.

„Во ред, мене ми е доволно. Дадов доволно, одиграв доволно.“

Сепак, зад лутината и разочарувањето останува и големата љубов кон сцената. На крајот од своето обраќање, актерот им се заблагодарува на публиката и на колегите со кои ги минал годините на сцената и зад неа.

Особено, како што вели, му е жал за добрите и посветени луѓе кои остануваат во Театар Куманово и продолжуваат да ја работат својата работа.

„Драга публико и драги колеги, благодарам за секој момент поминат со вас на сцената и зад неа. Се поклонувам пред вас и бескрајно сум ви благодарен за сè“, завршува Марко Трајковиќ.

Неговата јавна исповед можете да ја прочитате во целост во статус објавен на неговиот Фејсбук профил – Marko Trajkovic.

Инаку Марко Трајковиќ кон крајот на април годинава ја побара раката на сестрата на Лазаров – Марија, сопственичка на  салон за разубавување, ама и актерка во некои од претставите на независниот театар „Отпишани“, како и актерка и водителка во кабарето „Еуфорија“. Таа се сврши за него откако Марко и стави свршенички прстен на раката!

„Заедно да си остариме и да си се згрбавиме!“ – сподели тогаш пресреќната Марија на својот Инстаграм, гордо покажувајќи го свршеничкиот прстен со драгоцено камче.

Сега останува прашањето дали и Марко Трајковиќ,  кој  лани ја доби наградата за најдобра машка улога за улогата на Калигула на Интернационалниот фестивал на античка драма, ИФАД „Стоби“ 2025,  ќе ја побара среќата во аматерскиот театар „Отпишани“ или ќе менува професија?!

Фото: Фејсбук и Инстаграм/markotrajkovic91/earthandfireme/

 

To top